!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

НФАПВ предупредува да не се плаќа за вработување во странство


       
Скопје, 16 јули, 2017 - 14:09 (META) 

Националната федерација на агенции за вработување (НФАПВ) денеска упати предупредување да бидат внимателни сите што сакаат да дојдат до работно место во странство преку некоја агенција. Заинтересираните за работа не треба да плаќаат на агенциите, бидејќи агенцијата за постапката треба да им наплати на работодавците. Затоа кандидатите не треба да прифаќаат плаќање на какви било провизии и трошоци, пред или по заминување на работа во странство, предупредува НФАПВ.

„Во врска со последните случувања со одредени агенции за посредување при вработување, за кои постојат информации за измама на кандидати за вработување во странство, сакаме на целата јавност да ѝ упатиме јасен апел да бидат претпазливи кога носат одлука за заминување на работа во странство. Имено, според член 22, став 1, точка 4 од Законот за работни односи, и според Меѓународната конвенција 181 за приватните агенции за вработување, што Република Македонија ја има ратификувано, агенциите не смеат да наплаќаат никакви трошоци од кандидатите за вработување. Сите трошоци за вработување на лицата треба да се наплатат од компанијата, односно клиентот кадешто ќе се вработат лицата“, се вели во соопштението од Националната федерација на агенции за вработување.

НФАПВ посочува дека како тело кое има цел да ги претставува агенциите, да лобира за подобрување на законската основа, да соработува со домашните и со меѓународните институции, како и да ги зајакне капацитетите на своите членови за развивање на пазарот на вработување, се залага за заштита на правата на работниците и ќе продолжи во таа насока да соработува и со надлежните инситуции за да се подобри законската регулатива и таа да се почитува од сите лиценцирани агенции.