Поднесени 800 приговори за сместувањето во студентските домови

„Денеска ги поднесовме приговорите во Министерството за образование и наука (МОН), сега оттаму треба да одлучат кои приговори ќе ги прифатат, а кои ќе ги одбијат“, вели Виктор Велевски, директорот на ДСД

Фото: Мета.мк

Вкупно 800 приговори стасале до Државниот студентски дом – Скопје (ДСД) во врска со вселувањето во студентските домови. Околу 200 од приговорите се барања за префрлања од еден студентски дом во друг, односно за префрлање во студентскиот дом „Гоце Делчев“, а останатите приговори се однесуваат на барања за ослободување од плаќање станарина и исхрана во домот, која од оваа академска година изнесува 3.945 денари месечно.

„Денеска ги поднесовме приговорите во Министерството за образование и наука (МОН), сега оттаму треба да одлучат кои приговори ќе ги прифатат, а кои ќе ги одбијат. Најверојатно ќе бидат одбиени оние студенти кои бараат да бидат префрлени во „Гоце Делчев“ бидејќи таму е исполнет целиот капацитет и нема слободни места“, вели Виктор Велевски, директорот на ДСД.

Рокот за поднесување приговори беше пет дена по објавата на резултатите, која се случи на 6 септември. Тогаш, стотици студенти со своите куфери и торбици во раце чекаа ред за да можат да се вселат во студентскиот дом „Гоце Делчев“.

Надлежните не го исполнија ветувањето дека ќе се дигитализира студентската евиденција при упис во студентски дом, па станарите во домовите чекаа да ја поднесат потребната документација и да се вселат во собите. Цените за сместување годинава се повисоки од лани. Ако студент во „Гоце Делчев“ лани плаќал 3.645 денари, сега плаќа 3.945 денари месечно.

1 КОМЕНТАР

  1. […] Вкупно 800 приговори стасале до Државниот студентски дом – Скопје (ДСД) во врска со вселувањето во студентските домови. Околу 200 од приговорите се барања за префрлања од еден студентски дом во друг, односно за префрлање во студентскиот дом „Гоце Делчев“, а останатите приговори се однесуваат на барања за ослободување од плаќање станарина и исхрана во домот, која од оваа академска година изнесува 3.945 денари месечно, пренесе Мета.мк. […]

Comments are closed.