fbpx

Биометриските платежни картички не ги претвораат луѓето во робови

Во државите каде овие картички се во употреба, се објаснува дека на картичката не се зачувува фотографија од целосниот отпечаток од прст, туку делови од многу специфични точки на прстот. Дополнително, овие фотографии не се зачувуваат на централен сервер кој го има банката, туку се зачувуваат локално внатре, во чипот од картичката, со што се обезбедува многу поголема безбедност и за банките и за корисниците

-

Биометриските картички се користат за поголема безбедност при плаќањето, оневозможување кражби на идентитетот и со нив корисникот не се претвора во роб. Безбедноста на податоците е загарантирана, а МВР нема никаква поврзаност со овие биометриски картички, бидејќи тие во Македонија не се во употреба. Со картичките не може да се случи да ве ограбат па да нема каде да се жалите, бидејќи отпечатокот од прстот само делумно (клучни точки од отпечатокот), е зачуван на картичката и доколку некој ја хакира нема да има начин како да го реконструира отпечатокот, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

ЗАРЕМ АРАМИИ/САТАНИ ВИ ГАРАНТИРААТ БЕЗБЕДНОСТ СО ОТПЕЧАТОК НА ПРСТ?!?? 1. До сега гарантираше само МВР, таму удиравме прст за лични документи. Дали МВР во овој случај е гарант за вашиот идентитетски отпечаток и на платежна картичка??? 2. Дали ова значи дека твојот идентитетски отпечаток влегува во Централен компјутер – Вештачка Интелегенција и ПОТПОЛНА КОНТРОЛА НА ЧОВЕКОТ = Нивен роб засекогаш??? 3. Дали планираните пандемии, ќе бидат алатка да ве уценуваат за “ваша безбедност” и мора да примате безброј отровни инјекции без ваша согласност??? 4. Дали уцена може да биде и основниот егзистенцијален опстанок, за да преживее едно семејство??? 5. Дали може да се случи да ве опљачкаат на сметката, а нема каде да се жалите??? Кој ви гарантира дека вашите пари се безбедни??? 6. Има многу прашалници, истражувајте за последиците, за вашиот опстанок се работи. Живееме во време на невреме каде злото владее со светот.

Во рамки на објавата се споделува текст во кој се зборува за иднината на платежните картички, односно дека ќе биде воведувана опција граѓаните ширум светот да плаќаат со картички со биометриски податоци, односно со отпечаток од прст и се вели дека тоа носи со себе низа поволности од аспект на безбедноста, заштитата од измами и крадење на идентитетот.

 

Платежните картички се веќе реалност на Запад

Веќе со години, странските медиуми пишуваат за воведувањето на биометриски платежни картички, односно корисникот на банкарската сметка само ќе треба да го остави својот отпечаток од прст во банката, по што неговата картичка ќе биде поврзана со тој отпечаток и така ќе се заштити од кражби и неовластени трансакции. Ова во Македонија не е во функција, меѓутоа, причината за воведување на биометриски платежни картички е исклучиво заштита на корисникот, а не некаква тотална контрола врз него. Објавата изобилува со нелогични и неточни аргументи, како на пример дека „отпечатокот влегува во некаков централен компјутер по што се создава целосна контрола на човекот и тој станува роб засекогаш”.

Еден аргумент против оваа нелогичност е дека сите биометриски податоци на луѓето веќе се во посед од страна на министерствата за внатрешни работи на земјите каде поседуваат државјанство. Државите веќе ги имаат биометриските податоци на своите граѓани, па тие не се претворени во нивни „робови”, туку тоа е направено за да се обезбеди заштита од криминалот, да се овозможат граѓанските права на луѓето, како на пример да се движат слободно (издавање на документи, пасоши). Дополнително, ваквите банкарски трансакции со отпечаток од прст, се веќе во употреба во држави од Европа, доколку тоа клиентот го сака. Ниедна конспирација за воспоставување на контрола врз луѓето не е причината за употребата на овие картички туку, тие се во употреба за да се зголеми сигурноста на трансакциите.

Во истражување на Тејлс во Велика Британија и Франција во 2020 година, 80 проценти од оние што ги користат овие картички со биометриски податоци проценуваат дека биометриската платежна картичка ќе стане нивен префериран метод за плаќање. Мастеркард во САД веќе ја има ставено во функција биометриската платежна картичка. Тоа е иновативен начин на плаќање со технологија која овозможува сигурност и е безбеден начин корисниците на картичката да потврдат дека картичката е нивна на точките за продажба (POS, point of sale), со отпечаток од прст како алтернатива на ПИН. Придобивките се бројни за корисниците, односно тие плаќаат брзо и лесно, без да внесат ПИН. Тие добиваат поголема сигурност односно оневозможени се злоупотреби при кражба на ПИН. Тој што е сопственик на биометриска платежна картичка држи еден од прстите (палец, показалец) на сензор кој што е вграден на самата картичка. Во тој момент биометриската картичка го верификува идентитетот на носителот на картичката и плаќањето се извршува. Мастеркард има објаснето дека не ги споделува биометриските податоци со трговецот каде што се врши плаќањето. Со други зборови, продавниците не ги добиваат податоците онаму каде што се врши трансакцијата.

 

Нема податоци на централен сервер во банките

Наспроти изнесеното во објавата што ја рецензираме, односно прашањето дали МВР ќе бидат одговорни и гарантори за отпечатоците на биометриските картички, во земјава тие не се во употреба. Во државите каде овие картички се во употреба, се објаснува дека на картичката не се зачувува фотографија од целосниот отпечаток од прст, туку делови од многу специфични точки на прстот. Дополнително, овие фотографии не се зачувуваат на централен сервер кој го има банката, туку се зачувуваат локално внатре, во чипот од картичката, со што се обезбедува многу поголема безбедност и за банките и за корисниците. Дури и кога некој би можел да ги пробие податоците на чипот, би било невозможно за него да ја реконструира фотографијата од отпечатокот, што значи дека картичката ќе биде неупотреблива за хакерот. 

Значи, наспроти објавеното во постот, со вакви биометриски картички не е можно да ве ограбат па да нема каде да се жалите, туку ви се овозможува поголема безбедност на вашите пари.

 

Пандемиите немаат врска со темата со картичките,  освен за теории на заговор

Дополнително, невистинито се додава дека имало планирани пандемии со кои се вршела уцена за безбедноста преку примање вакцини без согласност. Ова е теорија на заговор која оди во насока на наративот кој веќе подолго време циркулира на интернет, дека една мала група на светски моќници заговараат депопулација на населението или негова целосна контрола преку вакцинација и планирани пандемии. Во земјава и во светот ковид пандемијата не беше ни планирана ни инсценирана, ниту пак вакцините имаат негативен безбедносен профил. Секој човек има своја сопствена слободна волја, која ја изразува преку изјавата за согласност која ја потпишува пред да се вакцинира. Без изјава за согласност, во Македонија не се вршеше вакцинација, така што не може да се каже дека некој некого уценувал. Вакцините против ковид се безбедни и ефикасни и благодарение на нив беа спасени голем број на животи преку постигнување на колективен имунитет. Дополнително, луѓето кои се вакцинираа имаа помал ризик од тешка форма на ковид и последици, па затоа беа ставени на приоритетната листа граѓаните со коморбидитети или кои се повозрасни.

Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистинита.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Дебар Маало го прослави роденденот на Горан Стефановски

Во чест на роденденот најпознатиот македонски драматург, во Дебар Маало денеска повторно се слушаше гласот на Горан Стефановски преку неговите аудио драми кои ги пушташе платформата „Самоглас“. На настанот организиран...