Дроновите (не)законски влетаа во политиката


       
Скопје, 24 април, 2017 - 11:31 (META) 

Дроновите станаа политички алатки пар екселанс во Македонија и на Балканот.

Првиот случај на користење дрон во политички цели беше регистриран на средината на октомвври 2014 година на мечот меѓу репрезентациите на Србија и на Албанија во Белград, кога среде натпревар, на стадинот на ФК „Партизан“, се појави дрон на кој беше закачено знаме со мапа на „голема Албанија“. Настанот тогаш ги зовре емоциите меѓу двете држави и неколку недели беше главна тема во медиумите.

Дрон со ист таков плакат на „голема Албанија“ вчера се појавил на стадионот во Чаир во Скопје, на фудбалскиот натпревар меѓу екипите на „Шкупи“ и „Вардар“, што беше повод ВМРО-ДПМНЕ вината за овој случај да ја префрли на СДСМ, кого го обвини дека е поттикнувач на ваквите случувања.

Во изминатиов период, протестите што се одржуваат во Скопје пред Владата и пред Собранието редовно се снимаат од воздух со беспилотни летала (дронови).

Владата на почетокот на 2015 година донесе Уредба за условите под кои воздухоплов без екипаж може да лета во македонскиот воздушен простор.

Во членот 12, став 5 од уредбата стои дека „воздухоплов без екипаж не може да лета во радиус од 500 метри од објектите на Министерството за одбрана и Армијата на Република Македонија, објектите на Министерството за внатрешни работи, Владата на Република Македонија, Собранието на Република Македонија, резиденцијата на Претседателот на државата, дипломатските претставништва, високо ризични натпревари и голем собир на луѓе (протести)“.

„Операциите на воздухоплов без екипаж од став 5 на овој член може да се реализираат само со претходно одобрение од Агенцијата за цивилно воздухопловство, Министреството за внатрешни работи и Министерство за одбрана“, се наведува во став 6 од членот 12 на истата уредба.

Инаку, протестите се снимаат со дрон за потребите на информативната програма на „Телевизија Нова“. Оттаму за „Мета“ велат дека за користењето на дронот ги имаат обезбедено сите дозволи, а секое летање во близина на државните објекти претходно се пријавува во полиција.

Од Агенцијата за цивилно воздухопловство не сакаа да одговорат на прашањето дали од нив била побарана и дали е издадена дозвола за користење на дроновите на протестите.

Истото прашање го испративме и до МВР, но оттаму нè препратија во Агенцијата за цивилно воздухопловство, бидејќи, како што ни рекоа, таа е надлежна за издавање на одобренијата за летање.

Во уредбата на АЦВ, сепак, не се предвидени казни за тие што ќе ги прекршат условите за користење дронови.

Казни треба да има во правилникот за користење на дроновите кој, како што информираа од Агенцијата за цивилно воздухопловство во ноември минатата година, е веќе готов, но го чека новото Собрание да профункционира за да биде донесен.

Инаку, полицијата во декември 2015 година приведе момче кое со дрон го снимаше студентскиот протест во Скопје. Момчето по „информативниот разговор“ беше пуштено, а снимките и дронот беа задржани од полицијата.