fbpx

Железничкиот превоз петти ден во прекин, раководството бара машиновозачите да возат

Машиновозачите се заканија дека бојкотот ќе продолжи и доколку биде исплатен и вториот дел од платата, бидејќи треба да седнат на разговор со раководството за да се разрешат натрупаните проблеми

-

Патничкиот и товарниот железнички сообраќај во Македонија веќе петти ден е во прекин како последица на бојкотот на машиновозачите да ги управуваат возовите поради неисплатената плата за јули. Машиновозачите од Железници на РСМ-Транспорт појаснуваат дека до 15-ти во месецот платата треба во целост да биде исплатена, а досега тие добиле само половина од платата за јули.

Машиновозачите се заканија дека бојкотот ќе продолжи и доколку биде исплатен и вториот дел од платата, бидејќи треба да седнат на разговор со раководството за да се разрешат натрупаните проблеми. Тие бараат преговори за покачување на коефициентите и изнајмување на локомотиви за работа, бидејќи претпријатието работело само со две локомотиви во товарниот сообраќај кои се недоволни за да се заработат средства за плати, тврдат тие.

Раководството на Железници на РСМ-Транспорт денеска преку соопштение предупреди дека со прекинот на железничкиот сообраќај се нанесуваат огромни материјални и нематеријални штети на нивното претпријатие, на јавното претпријатие за железничка инфраструктура, како и на македонското стопанство.

„Напоменуваме дека незаконскиот прекин на работа, т.н бојкот, не е организиран согласно ЗРО и Колективниот договор на ЖРСМ Транспорт АД-Скопје и истиот не е предизвикан поради социјален момент или други услови со извршување на работните задачи, туку од лична корист на Машиновозачите“, се наведува во соопштението на Железници на РСМ-Транспорт. 

Тие тврдат дека во разговори со владата прават напори да се обезбедат средства за непречено функционирање на железничкиот систем до крајот на годинава.

„Во периодов кога имаме најава за зголемен железнички превоз од страна на коминтентите, свесната одлука за бојкот од страна на Машиновозачите во најмала рака е неразумна, бидејќи ќе предизвика огромни штети на Друштвото и на целокупното стопанство на РСМ. Менаџерскиот тим е приморан да ги превземе сите законски мерки, за повторно воспоставување на железничкиот сообраќај на територија на РСМ“, се предупредува во соопштението на раководството.

Од Железници на РСМ-Транспорт информираат дека во периодот од 01.08.2023 година до денот на прекинот на железничкиот сообраќај 25.08.2023 година, Машиновозачите оствариле вкупни просечни лични примања во износ од 60.000 денари, а за споредба во истиот период, раководител инженер, остварил лични примања во висина од 21.000 денари. 

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Португалската влада го отфрли предлогот на претседателот за репарации за ропството

Португалската влада го отфрли предлогот на претседателот на државата дека треба да „плати“ за ропството и другите злосторства од колонијалната ера, велејќи дека нема планови за репарации, а наместо...