Многу новости и информации и во најновото издание на емисијата за млади „Шорткат“. Централна тема на десеттата епизода е состојбата во која се наоѓа депонијата „Русино“ кај Гостивар. Во емисијата ги пренесуваме сликите од цивилизацискиот шок што нашите новинари го доживеаја таму, а кој е секојдневие за граѓаните на Гостивар.
Дали климатскиот самит КОП 26 е последната надеж за спас на земјата и човештвото? Земјите што учествуваат на самитот, покрај ветувањата, ќе треба да покажат и посериозни заложби околу заштитата на околината.
Четири активистки предводени од младата Грета Тунберг упатија апел до светот дека човештвото не успева да ја сопре климатската криза. Онлајн петицијата која ја покренаа активистките во моментов брои над 1,3 милиони потписи од луѓе низ целиот свет.
Во Скопје е отворена изложбата „Единици и нула“ на Тома Димовски. Изложбата беше претставена преку платно долго дваесеттина метри, кое беше закачено на ѕидот што ги дели зградите на Македонската Филхармонија и Националната опера и балет.
Компанијата Фејсбук го промени името во „Мета“. Со овој чекор, една од најголемите технолошки компании во светот ја започна изградбата на „метаверзумот“ – иднината на социјалните мрежи.
Проследете го најновото издание на „Шорткат“ кое ќе биде објавено вечерва во 19 часот.