Изложба на скулптури од керамика на Боро Новаковски – Новак од четврток во уметничкиот центар Арт Хаб

Делата на Новак се одликуваат со нежни линии и хармонични облици, отсликувајќи го неговиот интимен и личен пристап кон керамиката

фото: Уметнички центар Арт Хаб

Во четврток во уметничкиот центар Арт Хаб ќе биде отворена изложбата на скулптури од керамика на Боро Новаковски – Новак. На изложбата ќе бидат презентирани ретките сочувани дела на Новак, чијашто кариера како керамичар започнува во средината на 50-тите години.

„Неговите првични обиди за изработка на керамички скулптури биле скромни, обидувајќи се да додаде украси и бои на грнчарски производи. Сепак, набрзо го менува овој приод,  фокусирајќи се на изучување на керамичарскиот занает и создавањето на сопствени  уникатни скулптури“, соопштија од Арт Хаб.

Делата на Новак се одликуваат со нежни линии и хармонични облици, отсликувајќи го неговиот интимен и личен пристап кон керамиката.

Изложбата ќе започне во четврток во 20 часот, а ќе биде отворена до 18 мај.