fbpx

Законските измени ќе ја забрзаат изградбата на автопатите, договорот со „Бехтел-Енка“ останува тајна

Премиерот ги отфрли обвинувањата на опозицијата, додавајќи дека договорот со „Бехтел и Енка“ е потпишан врз основа на посебен закон одобрен од Собранието на РСМ од страна на сите пратеници

-

Раководството на ВМРО-ДПМНЕ единствено што знае е да шири хистерија, лаги и да блокираат во Собранието на РСМ и тоа го прават со сите законски решенија веќе подолг период наназад, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски по бројните обвинувања на опозицијата во врска со предложените измени и дополнувања на осум закони кои се наоѓаат во Собранието и во однос на склучениот договор со „Бехтел-Енка“.

„Тоа што го кажува потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ е една обична лага и ширење на невистини, како што го прават тоа и неговите колеги, вклучително и неговиот претседател“, изјави Ковачевски во однос обвинувањето дека државата ќе плаќа пенали на „Бехтел-Енка“ што го објави потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николовски.

Премиерот потсети дека договорот со „Бехтел и Енка“ е потпишан врз основа на посебен закон одобрен од Собранието на РСМ од страна на сите пратеници и тој договор ги има поминато сите законски процедури, којшто беше јавно потпишан со присуство на американскиот амбасадор од страна на државните институции.

Ковачевски напомена дека договорот е над 400 страници и во него се пропишани сите услови.

„Намерата е да се изгради модерен автопат во период од пет години“, рече Ковачевски, додавајќи дека ќе се гради со сума која што е соодветна и е споредбена со други такви проекти што се веќе изградени од американско-турскиот конзорциум.

Тој додаде дека постои специјален закон за изградба на Коридорот 8 како стратешки договор.

„Уште еднаш ги повикувам, Владата на САД и Владата на Република Турција да кажат дали во текот на овие две изминати години откако се подготвува овој проект некој од нашата држава од нив или од нивни компании има побарано нешто“, изјави премиерот Ковачевски.

Во однос на предложените измени на Законот за работни односи, Ковачевски рече дека измените и дополнувањата се однесуваат само за стратешки проекти од национален интерес и намерата е на доброволна основа работник којшто ќе сака да работи повеќе од она што во моментов е законски пропишано, тоа да му биде платено за прекувремен час и дополнително за работа во недела да добива 50 отсто поголема дневница.

„Прво, ќе останат повеќе финансиски средства во државата. Второ, ќе се забрза изградбата на патот и трето, ќе се намали и сумата вкупното чинење, со оглед на тоа дека ќе биде побрзо изграден автопатот доколку се гради со повеќе работни часови во текот на неделата. Останува на пратениците тоа да го разгледаат“, изјави Ковачевски.

Договорот со „Бехтел-Енка“ не се објавува

Вицепремиерот Артан Груби на денешниот брифинг со новинарите изјави дека потпишаниот договор со американско-турскиот конзорциум „Бехтел-Енка“ е класифициран и не се објавува никаде, поради барањето на „Бехтел-Енка“ кои не ги објавуваат податоците. Тој додаде дека еден од примероците на договорот се наоѓаат во Јавното обвинителство.

Груби на денешниот брифинг со новинарите во врска со изградбата на автопатите изјави дека предложените законски решенија во Собранието за Коридорите 8 и 10Д ќе го скратат времето на завршување на овој проект, и ќе ја чинат државата поевтино.

„На трасата што е предложена има физибилити студија од фирма која е одбрана од Градежен факултет и таму се гледа колку од земјиштето е приватно, а колку државно. Законските решенија се за експропријација, а ќе се забрза постапката и ќе се намали цената“, изјави Груби.

Наспроти него, вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска денеска изјави дека не гледа причина зошто да не биде јавно објавен договорот со „Бехтел и Енка“.

„Станува збор за стратешки договор од национален интерес. Не сум сигурна, но ќе проверам дали има некоја клаузула која би го спречувала тоа. Во спротивност пак ќе кажам дека тоа е договор од стратешки интерес и не мислам дека треба да биде сокриен од јавноста“, изјави вицепремиерката Грковска.

Опозицијата со барање до претседателот

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска го повика претседателот Стево Пендаровски да се одважи и да не ги потпишува штетните закони за изградба на автопатите на Коридорите 8 и 10д.

„Јас го повикувам да не се крие позади Собранието и да излезе да се одважи и тие законски решенија кои ќе дојдат кај него да не ги потпише“, изјави Мицкоски.

Реакцијата на опозицискиот лидер следи откако претседателот Стево Пендаровски вчера во изјава за телевизија „Сител“ рече американско-турскиот конзорциум е со висока репутација, но и дека од локалните власти зависи дали проектот ќе го следат сомнежи за корупција и злоупотреби.

„Бехтел е фирма со репутација од 125 години, таа е во првите 10 градежни компании во светот со децении. Неколку негативни искуства што ги имаше во земјите од регионот се исклучоци од правилото на оваа врвна светска компанија. Овие исклучоци, кај што има злоупотреби и криминал, се случуваат кога ќе наидеш на локални авторитети кои се податливи за тој тип на муабет”, рече Пендаровски.

Претседателот јавно порача дека е против законските измени, со кои се предвидува зголемување на работната недела од 40 на 60 часа за потребите на конзорциумот „Бехтел и Енка“ кој треба да ги гради Коридорите 8 и 10д.

Миша Поповиќ од Платформата на граѓански организации за борба против корупција во гостувањето на емисијата „24 Отворено“ изјави дека трошењето на јавните пари треба да биде според општите закони кои се носат за градење.

„Имавме лош пример со Синохидро во минатото и не треба да се повторуваат. Во 2021 се донесе специјалниот закон за Коридорите 8 и 10Д со веќе однапред избран изведувач и уште тогаш укажавме дека тие специјални закони носат ризик од корупција. Тие ја исклучуваат конкуренцијата при натпреварот за јавни договори и со тоа се почнува цела низа на опасности во однос на корупцијата. Предложените измени на закони во петок за расправа на седница во понеделник се продолжение на таа приказна“, изјави Миша Поповиќ.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ДИК апелира да не им се попречува работата на новинарите за време на изборите

Државната изборна комисија (ДИК) денеска достави писмен одговор по испратената претставка од страна на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), поврзана со случајот со прекршувањата на правата на новинарката...