Одземени две „булмастиф“ кучиња откако вчера до смрт беше изгризано 8-годишно момче

Соседското 12-годишно куче, Дачес, од расата „англиски булмастиф“ го нападнало осумгодишното дете од скопската населба Пинтија во Кисела Вода, откако детето влегло во дворот на соседите, каде што му паднала топката

-

Дванаесетгодишен англиски булмастиф усмрти осумгодишно дете во скопската населба Пинтија во Кисела Вода откако детето влегло во дворот на соседите прескокнувајќи ја оградата, потврдија за Мета.мк два независни извора, по вчерашниот стравотен настан. Детето, поради нанесените повреди, починало на пат кон болницата.

Според досегашните информации, во моментот во дворот имало три кучиња, сите од истата раса, а детето го нападнало највозрасното куче. Сопственикот на кучињата, Н.Г., има одгледувачница за „англиски булмастиф“.

Попладнето пред 18 часот во куќата на соседите немало никој, а детето ја прескокнало оградата за да си ја земе топката која таму му паднала. Кога сопственикот на кучињата влегол во куќата за кратко време, го нашол детето како лежи покрај оградата, а на кучето на устата видел дека има крв. Веднаш ја повикал мајката и со неговото возило детето било однесено во Градската општа болница во Скопје, но починало на пат кон болницата.

„Детето било донесено без знаци на живот. Веднаш колегите направиле обид за реанимација, но безуспешно. Не се знае дали детето веднаш после случката било донесено кај нас или веќе било пронајдено без знаци на живот, тоа ќе го покаже истрагата. Јас синоќа не бев на смена, но глетката била траорна, сите доктори и сестри што беа на работа, цела смена, денеска не се на работа“, изјави утринава за Мета.мк, Љубен Арсенков, директор на ГОБ „Св. Наум Охридски“.

Од МВР информираа дека за случајот веќе постапува јавен обвинител, по чија наредба телото е предадено за обдукција и се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Се мобилизираше Агенцијата за храна и ветеринарство, одземени се две кучиња

Законските одредби за одговорност во овој сегмент не се доволно јасни, со оглед на тоа што станува збор за приватен имот. Директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), Николче Бабовски за Мета.мк уште утринава изјави дека инспекторите веднаш се мобилизирале и дека стапиле во контакт со МВР.

На сопственикот Н.Г. одземени му се две, од трите кучиња – едното 12 годишно, а другото двегодишно. До моментот на објавување на текстот, сè уште не се знаеше точно каде ќе бидат сместени за опсервација – дали во МВР или пак во стационарот за бездомни животни „Лајка“.

Во моментов, велат од АХВ за Мета.мк, нема регистрирани одгледувачници бидејќи тоа е материја која ќе биде детално уредена со новото законско решение за заштита и благосостојба на животните која е во постапка на донесување и се наоѓа во собраниска процедура.

„Контролата на нелегалната продажба не е во надлежност на АХВ, но, должност на секој сопственик е да ги исполни условите со Законот за идентификација и регистрација на милениците односно да го пријави кучето кај матичниот ветеринар, да го вакцинира, микрочипира и сл и податоците за тоа да се внесат во Ветеринарно информативниот систем на АХВ. Сопствениците и/или одговорните лица кои ги користат своите миленици за репродукција и одгледувачниците имаат законска обврска да го пријават леглото од своите животни во овластена ветеринарна амбуланта, клиника или болница, да ги идентификуваат и регистрираат младенчињата согласно Законот за идентификација и регистрација на животните пред да ги вдомат како и да ги пријават лицата кај кои ги вдомиле младенчињата. Обврска е миленикот да има валиден пасош за домашни миленици“, велат од АХВ.

Оттаму велат дека „доколку се утврдат недоследности, на сопственикот ќе му бидат изречени мерки согласно важечките закони од областа на идентификација и регистрација на животните, ветеринарното здравство и здравствената заштита и благосостојбата на животните“.

Од извршениот надзор на АХВ велат дека дворот во кој се чувале кучињата бил соодветно заграден и на влезот бил поставен предупредувачки знак „Пази куче“.

Надлежниот инспектор – официјален ветеринар дал налог кучињата да се стават под официјален надзор за болеста беснило (набљудување -опсервација) од страна на доктор по ветеринарна медицина 15 дена, со три клинички прегледи, објаснува Бабовски, а по завршување на опсервацијата докторот по ветеринарна медицина издава Сертификат за надзор на беснило со кој се потврдува здравствениот статус на животните во однос на болеста беснило.

„По завршување на надзорот на беснило ќе се спроведе тест за социјализација на кучињата од страна на лица кои имаат овластување од Агенцијата за храна и ветеринарство. Потоа ќе се утврдуваат мерките во зависност од констатираната фактичка состојба“, додава тој.

Расата „булмастиф“ – ноќното куче на ловочуварите

Како што стои во описот на американската ветеринарна компанија „Хилс“ булмастифите се кучиња кои се приврзани со членовите на семејството и се со „генерално мирна, лесна природа“. Сепак, како што стои во описот за нивната раса, „лежерниот однос на булмастифот со членовите на семејството веројатно ќе се промени кога во сликата ќе влезе странец“.

„Овие кучиња имаат тенденција да бидат прилично сомнителни кон луѓето надвор од семејството. И покрај сета негова лојалност спрема семејството, булмастифот може да биде тврдоглав во постапките, што може да го направи тренингот предизвик. Сепак, и покрај генерално лежерната природа на кучето, надзорот е императив кога кучето е околу деца бидејќи кучето е толку големо што може ненамерно да го собори. Социјализацијата и обуката се клучни за успешно живеење со оваа раса. Со изложување на кучето на што е можно повеќе нови луѓе, места и ситуации, особено кога е помало, тој може да биде сомнителен кон посетителите и кон луѓето што не ги познава“, пишува во анализата. 

Булмастифот е раса официјално препознаена во 1933 година, а развиена во средината на 19 век од британски ловочувари кои имале за цел да ги заштитат селските имоти од ловокрадците. Со вкрстување на мастифот и булдогот, одгледувачите сакале да развијат моќно, активно животно кое може брзо да помине кратки растојанија, да собори ловокрадец на земја и да го држи додека не дојде ловочуварот за да го фати натрапникот.

Подоцна, „ноќното куче на ловочуварот“ станува и домашен миленик. 

Претставата „Види, летам!“ в четврток во чест на 30-годишнината на Претставништвото на УНХЦР во земјава

На Академската сцена на Факултетот за драмски уметности во Скопје во четврток (5 декември) со почеток во 20 часот ќе биде изведена претставата „Види, летам!“, во чест на 30-годишнината од отворањето...

Весна Дамева поднесе оставка од функцијата претседател на Судскиот совет, обвини за притисоци од власта

Претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева, денеска соопшти дека поднесува неотповиклива оставка од функцијата, како што рече, за да го зачува својот личен интегритет. Таа ги обвини премиерот Христијан Мицкоски и...

За справување со пожарите и поплавите итно ни треба Национален план за адаптација

Македонија, како држава која нема финансиски средства да се справи со поплавите и пожарите, мора итно да изработи Национален план за адаптација кој ќе помогне да се организираат и координираат мерки...

Линеарното покачување на пензиите бара повисоки даноци и работен век до 67 години и за мажи и за жени

Линеарното покачување на пензиите од 5.000 денари, 2.500 денари во октомври и уште 2.500 денари во март в година, на долг рок ќе ја наруши одржливоста на Фондот за пензиско и...

Претставата „Види, летам!“ в четврток во чест на 30-годишнината на Претставништвото на УНХЦР во земјава

На Академската сцена на Факултетот за драмски уметности во Скопје во четврток (5 декември) со почеток во 20 часот ќе биде изведена претставата „Види, летам!“, во чест на 30-годишнината...