fbpx

Аерозагадувањето нема да го снема со 50.000 нови автомобили, колку што Скопје добило деценијава [инфографик]

За прв пат во својата историја, Скопје лани ја надминал бројката од 200.000 возила на улиците. Загрижувачки се и бројките за просечната возраст на возилата, која во 2022 година достигна 19,5 години

-

Европската недела на мобилност завршува денеска, а во изминативе денови низ македонските општини се одржаа бројни настани со возење на велосипеди и изјави на функционерите со поуки за користење на алтернативен превоз. Но, во реалноста, официјалните бројки говорат за пораст на бројот на возила во земјава, во услови и кога весникот Гардијан деновиве известуваше за лошиот квалитет на воздухот во Скопје.

За прв пат во својата историја, Скопје лани ја надминал бројката од 200.000 возила на улиците, додека во Македонија е регистриран нов рекорден број на регистрирани возила – вкупно 569.871, од кои 483.482 се патнички автомобили со македонски регистарски таблички. Истовремено, загрижувачки се бројките за просечната возраст на возилата, која во 2022 година достигна 19,5 години, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.

Низ годините наназад, стапката на моторизација на македонските граѓани незапирливо расте. За речиси 120.000 возила е зголемен бројот на регистрирани возила во нашата земја во 2022 година, споредено со 2012 година, a најголем удел во ваквиот раст има купувањето автомобили од граѓаните.

Скопје со незапирлив раст на бројот на возила

Убедливо најголем дел од возниот парк се наоѓа во Скопје. Во главниот град лани имало 203.741 возило, од кои 172.921 се регистрирани патнички автомобили.

Само за една деценија, во Скопје бројот на автомобили е зголемен за фантастични 50.000. На овие превозни средства им е неопходен простор за паркирање, како и проширени булевари и улици за да се ублажи сообраќајниот метеж од ваквите возила. Она што дополнително загрижува кај македонскиот главен град е дека оние општини кои имаат најголеми сообраќајни проблеми, всушност имаат и најголема стапка на моторизација на жителите.

Па така, токму во скопската општина Центар, која е и најмала по површина во Скопје и има најголем проблем со недостиг на паркинг места, во 2022 година биле регистрирани најмногу возила, и тоа 33.556 возила или за околу 4.000 повеќе во споредба од пред една деценија.

Огромен раст на бројот на регистрирани возила има и во Општина Аеродром, за фантастични 10.000 возила во период од 10 години. Во 2012 година, во оваа скопска општина имало 19.126 возила, а лани биле регистрирани 29.785 возила. Веднаш по Аеродром е Општина Карпош, која во 2022 година имала 28.081 возило што биле регистрирани од нејзините жители.

Наспроти ова, Општина Шуто Оризари е локалната самоуправа која има најмал број на возила во Скопје – 3.681 возило во 2022 година, а на ниво на главниот град со години наназад најмалку придонесува за сообраќајниот метеж, за недостигот на паркинг места во Скопје и за загадувањето на воздухот.

Расте просечната старост на возилата 

Покрај зголемувањето на бројот на возилата на македонските патишта, она што најмногу загрижува е самата безбедност на возилата кои секојдневно се движат. Статистичките податоци покажуваат дека во 2022 година просечната старост на возниот парк продолжува да се зголемува.

Па така, во 2022 година регистрирана е рекордна старост на автомобилите во земјава од 19,5 години. Кај автобусите со кои се превезуваат патници, бројките се уште подраматични. Просечната старост на автобускиот возен парк лани се зголемила на 19,6 години. И кај животниот век на товарните возила има негативно поместување, па така просечната старост во 2022 година изнесувала 17 години.

Пред една деценија, во 2012 година просечната старост на автомобилите во Македонија изнесувала 16,8 години, кај автобусите била 16,7 години, додека камионите биле стари во просек по 14,7 години.

Ваквите статистички бројки секоја година се влошуваат во земјава, и покрај постојаните предупредувања дека учеството на транспортот во аерозагадувањето и во емисиите на стакленички гасови незапирливо расте во Македонија.

Железница не користиме, субвенции за нови возила немаме, климатските промени ги игнорираме [инфографик]

Мета.мк подолг период пишува за потребата од забрана за увоз на возила со под ЕУРО 5 стандарди на емисии на издувни гасови, но целокупната постапка веќе трета година е заглавена кај институциите – Министерство за економија и Владата на РСМ, кои треба да ја донесат ваквата одлука.

Владата прво ќе анализира, а потоа ќе забрани увоз на половни возила со под ЕУРО 5 стандард

И додека македонските власти чекаат на донесување одлука, Европската Унија летово веќе најави дека ќе ги заострува критериумите за извоз на половни возила надвор од земјите-членки на ЕУ. Во документот „Regulation Of The European Parlament And Of The Council on circularity requirements for vehicle design and on management of end-of-life vehicles, amending Regulations“ се наведуваат критериумите според кои старите возила нема да можат да се извезуваат надвор до земјите-членки.

Забранети за извоз надвор од ЕУ би биле возилата, чија пазарна вредност е пониска од цената за неопходните поправки кои се потребни за да возилото се доведе во техничка состојба по стандардите на ЕУ. Исто така, возилото ќе се смета за недозволиво за извоз во земјите кои не се членки на ЕУ, вклучувајќи ја и Македонија, доколку една од следниве компоненти на возилото не може да се преправи или замени: гуми, точкови, управување, контролни компоненти, каросесија, шасија, седишта, воздушни перничиња, сигурносни појави, структурни и сигурносни компоненти кои не можат да се заменат, прекумерна корозија. Исто така, ако се менува оригиналниот идентитет на возилото, забранети за извоз ќе бидат и половњаците кои треба да минат низ замена на мотор, менувач, школка или шасија.

Европската комисија треба допрво да соопшти од кога ќе важат построгите правила за извоз на возила од земјите-членки на ЕУ, но речиси е сигурно дека ќе имаат влијание и врз увозот на стари возила во Македонија. За ваквиот предлог на Европската комисија треба да одлучат Советот на ЕУ и Европскиот парламент.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Дебар Маало го прослави роденденот на Горан Стефановски

Во чест на роденденот најпознатиот македонски драматург, во Дебар Маало денеска повторно се слушаше гласот на Горан Стефановски преку неговите аудио драми кои ги пушташе платформата „Самоглас“. На настанот организиран...