Аерозагадувањето во Скопје стигна до Гардијан: Воздухот мириса на изгорена пластика

Скопје е домаќин на три од најмногу загадените окрузи на континентот и заедно со други градови од западен Балкан и Полска, е едно од европските жаришта за ПМ 2,5 честички, пишува Гардијан

Фото: Архива на Мета.мк

Планините околу Скопје ги чуваат граѓаните безбедни кога смогот станува погуст, но ги заробуваат и отровите што го прават воздухот меѓу најопасните од сите градови во Европа.

Нечистите горива како извор на загадување, заедно со лошото урбанистичко планирање и незгодниот терен со децении го задушуваат главниот град на Северна Македонија. Градот се наоѓа во котлина каде што стари фабрики функционираат покрај домовите и работните места. Во зима, кога луѓето палат печки со отпадно дрво и ѓубре, се крева топол воздух кон небото, кој се сретнува со студениот и тежок планински воздух и го формира капакот што го задржува загадувањето и маглата во самата котлина.

Британскиот весник Гардијан вака го започнува својот опширен текст за загадувањето на воздухот во македонскиот главен град.

Анализата на Гардијан заснована на европски податоци за квалитетот на воздухот покажала дека Скопје е домаќин на три од најмногу загадените окрузи на континентот и дека заедно со други градови од Западен Балкан и Полска, е едно од европските жаришта за ПМ-2,5 честичките.

Новинарот во текстот потсетува на студија од 2018 година која покажала дека воздухот во Скопје е толку загаден што жителите умираат во просек две до три години порано.

Ако ја достигне построгата граница од 10 микрограми на метар кубен ПМ-2,5 честички во воздухот што е пропишана од Светската здравствена организација, која во меѓувреме и ја намали ваквата граница на 5 микрограми на метар кубен, градот ќе ги преполови болничките посети поради болести на срцето и белите дробови, пишува Гардијан.

Медиумот ги пренесува стравувањата на жителите на Скопје, кои велат дека не се плашат само за сопственото, туку и за здравјето на нивните семејства и пријатели.

„За некои жители, лошиот воздух е дополнителна причина да ја напуштат земјата, заедно со ниските плати и корупцијата кои го поттикнаа одливот на мозоци во ЕУ“, се вели во текстот на „Гардијан“.

Две-третини од жителите на Скопје горат дрва, често користат нискоквалитетно гориво во неефикасни печки или пак палат ѓубре кога не можат да си дозволат друго затоплување, пишува новинарот на „Гардијан“ во текстот кој целосно може да се прочита на овој линк.