По протерувањето на рускиот архимандрит Васијан Змеев прво од Македонија, а потоа и од Бугарија, познатиот бугарски долгогодишен новинар и аналитичар Николај Крстев вели дека станува збор за очигледен пример за вмешување на Руската Православна Црква во Северна Македонија, во полза на српските интереси, а против поголемото зближување на земјава со Бугарија.
Крстев гостуваше во утринскиот блок „Добро утро Европа“ на телевизискиот канал „Јуроњуз Бугарија“.
„Ја користат Бугарија за да шпионираат, односно да извршуваат таква дејност на друго место, во соседна Македонија. Знаете колку се деликатни бугарско-македонските односи и како преку црквата, преку духовната дипломатија се вршат исто така не помалку активни дејствија и на нашиот билатерален план“, вели Крстев.
Тој, како познавач и на црковните прашања, објаснува дека и претходно имало такви примери, кога претставници на Руската црква носеле во земјава учесници на движења и мерки спротивни на локалните интереси.
„Треба да ви кажам, бидејќи јас се занимавам со црковните работи, имало и други претстaвници на руската црква во Софија, пред 20, 22, 23 години што се занимаваа пак со дејствија преку Бугарија, доведувајќи лица што имале негативно влијание во регионот“, вели Крстев.
Прашан од водителката каква е таа шпионажа поради која што и Бугарија го протера архимандритот Васијан, Крстев рече и дека станува збор за дел од тн. хибридни дејства во полза на руското влијание.
„Не за црковна шпионажа, има нешто што се нарекува хибридни дејства поврзани со признавањето дејствијата на српската дипломатија кон Северна Македонија и нејзината црква, која, знаете, пред една година доби томос за независност.
Сега, со ова зближување на Руската црква кон Македонската гледаме дека Вселенскиот патријарх не брза да даде томос… А вистинскиот томос за независност се издава од Вселенскиот патријарх“, вели Крстев.
По Скопје, и официјална Софија го протера рускиот свештеник Васијан