fbpx

Заев: Груевски призна дека тој е причината за политичката криза

-

Денешната изјава на Никола Груевски е директно признание дека поради него и неговата партија не се исполнети клучните делови на Договорот од Пржино и дека тој е причина за политичката криза во Македонија, рече лидерот на СДСМ, Зоран Заев, во денешната изјава за медиумите како реакција на обраќањето на премиерот Никола Груевски, во кое тој ја најави својата оставка, која ќе биде активирана 100 дена пред официјалниот датум за изборите.

Изјавата Заев ја даде во седиштето на СДСМ, пред кое владееше славеничка атмосфера и на речиси сите возила имаше државни и партиски знамиња.

– Императив на Договорот од Пржино е кристално чист изборен и предизборен процес. Тоа мора да се реализира. На човекот кој одлучуваше за животот и за смртта, одлучуваше кој може слободно да живее во Македонија, а кој не, човекот кој заедно со неговата фамилија, братучедот Мијалков и со кумот Ставрески узурпираше сè за свое лично богатење, јасно му е дека на тоа денеска му дојде крајот. Ова не е крај, ова е почеток на крајот на една криминална, корумпирана, фамилијарна расипничка и недемократска власт – изјави Заев.

Тој ги повика граѓаните заедно да ја вратат слободата, демократијата и правдата во Македонија, како и заедно економски да ја кренат државата.

– Слободна Македонија со влада предводена од СДСМ ќе биде од народот со народот и ќе работи за народот. Да живее слободна Македонија – рече Заев.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.