fbpx

Груевски денеска ќе ја депонира оставката во Собранието

-

Премиерот Никола Груевски, во синоќешното обраќање до јавноста, соопшти дека денеска наутро до претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, ќе ја депонира оставката на функцијата премиер.

– Утре до претседателот на Собранието ќе го испратам писмото со оставката на функцијата претседател на Владата, која ќе биде активирана на 100 дена пред изборите. Оваа оставка ја претставува силата на нашето убедување и верба во демократијата. Нашата цел се чисти избори кои нема да дадат простор за изговор никому. Убедени сме дека ова што го правиме е за доброто на државата – рече синоќа Груевски во обраќањето.

Груевски пред соопштувањето на одлуката, изјави дека е многу важно да се стави крај на кризата и дека тој и неговата партија ВМРО-ДПМНЕ се држат и го почитуваат Договорот од Пржино.

Груевски изричито не спомена кога точно ќе се одржат предвремените избори кои, според Договорот од Пржино, се закажани за 24 април.

Со формулацијата „оставката на функцијата претседател на Владата ќе биде активирана на 100 дена пред изборите“, Груевски посредно остава простор тие да бидат поместени за некој друг датум.

Премиерот Груевски, во своето обраќање рече дека во процесот на преговори меѓу политичките партии, под медијатрство на меѓународната заедница, од нивна страна биле направени многу компромиси, кои, како што рече, биле направени свесно и за добро на државата.

Груевски изјави дека сè што било нивна обврска од Договорот од Пржино било исполнето, односно изборот на специјален јавен обвинител, потоа изборот на нов состав на Државната изборна комисија, промената на Изборниот закон согласно барањата на опозицијата и отстапувањето на дел од ресорните министерства на опозицијата.

Тој рече дека изборите треба да бидат закажани за 24 април и дека е време да се исполни и оваа обврска од Договорот од Пржино, за разлика од, како што рече, неодамнешните изјави на СДСМ кои фрлаат сенка на овој дел и го кочат правото на народот да ги избере луѓето што мисли дека треба да ја водат државата.

Премиерот истакна дека изборите треба да означат нов почеток за државата и да стават крај на месеците на кавги, поделби и гнев.

– Јас имам големи планови и сериозни платформи за државната економија, за раст и развој и за инвестиции – рече Груевски.

Денеска во Скопје ќе престојува еврокомесарот Јоханес Хан, при што се очекува поконкретно да се дефинира датумот на изборите.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Бесплатно демо за платформската игра „Бласфемос“

На Steam може да се симне бесплатно демо од играта Blasphemous. Станува збор за платформска игра за возрасни која функционира како Souls игра, а естетски наликува на старата добра...