fbpx

За да се влезе во гаражата на Поликлиниката „Бит Пазар“ мора да се бара дозвола од узурпаторите

„Здравствен дом Скопје информира дека овој простор за кој се однесува вашето прашање, не е во сопственост на Здравствен дом Скопје, ниту пак Министерството за здравство стопанисува со просторот“, велат од МЗ за Порталб.мк

-

Сè додека не реагираат институциите, приватните лица ќе продолжат незаконски да собираат пари од граѓаните на дивиот паркинг зад Поликлиниката „Бит Пазар“, објави „Порталб“. Од Министерството за здравство (МЗ) не кажуваат дали ќе преземат мерки против одговорните лица на Поликлиниката, кои не реагирале во врска со узурпирањето на просторот зад нивниот објект, кој оваа институција го користела за свои потреби. Според МЗ земјиштето е во сопственост на државата, а не на Поликлиниката, но токму на тоа место, одговорните во МЗ пред три години ги промовираа возилата набавени за потребите на болницата. За да се влезе во гаражите на поликлиниката мора да се помине низ рампата што ја поставиле узурпаторите.

„Здравствен дом Скопје информира дека овој простор за кој се однесува вашето прашање, не е во сопственост на Здравствен дом Скопје, ниту пак Министерството за здравство стопанисува со просторот“, велат од МЗ за Порталб.мк.

Узурпираната парцела со катастарски број 7564 го опфаќа земјиштето околу поликлиниката Бит Пазар.

Како што веќе пишуваше Порталб, узурпиран е задниот дел околу Поликлиниката. Од друга страна, предниот дел, во мај годинава беше мета на две лица, кои се обидоа да го узурпираат со багер, но поради притисокот од медиумите, интервенираше државата и ги спречи во нивната намера.

Како што може да се види на фотографијата, узурпираниот дел и делот што се обиделе да го узурпираат, е една катастарска парцела. Но, државата реагираше само во случај на обидот за узурпација на предниот дел на Поликлиниката, а не и кога беше узурпиран делот зад објектот.

Фото: Порталб

Во една објава на Министерството за здравство може да се види дека во февруари 2020 година, тогашниот министер за здравство Венко Филипче, заедно со директорите на Здравствен дом Скопје (во чија надлежност е поликлиниката „Бит Пазар“), Виктор Исјановски и Бесим Кока, во февруари 2020 година учествувале на промовирањето на 13 возила за одделението за домашни посети и патронажа.

Возилата се паркирани во просторот што узурпаторите го користеа и во тоа време, и кој и денес го користат за да ги ограбуваат граѓаните. Настанот се случил на 20 јануари, во работен ден (понеделник), кога е работно време и за узурпаторите. Но, како што се гледа од сликите објавени од Министерството за здравство и прилозите по медиумите, тој ден, за време на промовирањето возилата за медиумите од страна на Министерството за здравство и државните функционери, узурпаторите не работеле.

Фото: Порталб

Возилата беа изложени пред камерите на просторот зад зградата на Поликлиниката, на местото кое што приватните лица го користат како паркинг.

Претходно, возилата биле паркирани во гаражата на Поликлиниката. ВМРО-ДПМНЕ објави неколку слики од возилата.

Фото: Порталб

За да се влезе во гаражите на Поликлиниката, мора да се помине преку рампата на узурпаторите. Ова може да се види и од архивата на „Гугл стрит“, каде на сликите од 2015 година се гледа дека гаражите за автомобилите на Поликлиниката биле отворени, а узурпаторите ја имале поставено рампата и ја вршеле својата дејност. Според проверките на Порталб.мк, овие гаражи денес се затворени и не функционираат.

Фото: Порталб

Ако ги погледнеме сателитските снимки на „Гугл ерт“, точно се гледа дека дел од паркингот зад Поликлиниката фукнционира од 2003 година, додека пак еден друг дел е пуштен во употреба во 2007 година. На сликите може да се види и дека зелениот простор пред овој паркинг почнал да се заменува со паркинг простор.

На 22 јуни, по објавувањето на истражувањето на Порталб,мк за узурпирањето на државното земјиште позади Поликлиниката „Бит Пазар“, Обвинителството отвори предмет и презема мерки за утврдување на состојбата.

Предметот беше отворен откако Обвинителството предупреди дека ќе постапи, ако не постапат другите надлежни институции. Узурпиран паркингот на поликлиниката „Бит Пазар“, општина Чаир дозволува парите на граѓаните нелегално да завршат во приватни џебови. Зад објектот на поликлиниката во Бит Пазар граѓаните се принудени да плаќаат паркинг и покрај тоа што парцелите се во државна сопственост и се узурпирани. Парите на граѓаните наместо во касата на болницата, општината или државата, незаконски завршуваат во џебовите на приватни лица.

Во едно интервју за Порталб.мк, градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу одговорноста ја префрли кај раководството на Поликлиниката „Бит Пазар“ и на Владата.

„Сите тие парцели што се во дворот на Поликлиниката се во сопственост на Поликлиниката и се наоѓаат на територијата на Чаир, но нив ги поседува  Поликлиниката и со Поликлиниката не управува општина Чаир, туку централната власт. Ова фрлање на вината или топката на туѓ терен не е коректно”, рече Ганиу во изјавата за Порталб.мк.

Од друга страна, Владата, Поликлиниката „Бит Пазар“, Државниот градежен инспекторат, но и низа други институции, прстот го вперуваат кон општина Чаир.

„Министерството за транспорт и врски во согласност со процесот на децентрализација своите надлежности во делот на градежното земјиште им ги предаде на општините и од тие причини целокупното управување со земјиштето е во надлежност на  општините. Во конкретниов случај, земјиштето и е на располагање на општината и од тие причини ве советуваме да се обратите до инспекциските служби на општината. Ако имате индиции за незаконско користење на државно земјиште, ве упатуваме да се обратите до Државниот градежен инспекторат, кој согласно своите овластувања е државно инспекциско тело во областа на градежното земјиште“, за Порталб.мк изјави Кире Коцев, портпарол на Министерството за транспорт и врски.

За Порталб.мк од полицијата потврдија дека кај нив никој досега не пријавил узурпација на овие парцели. Порталб контактираше и експерти од оваа област во врска со тоа кој е надлежен да постапува за овој случај.

„Болницата управува со просторот, поточно со дворот зад болницата поради полесниот пристап и тоа се нарекува јавна употреба. Но, технички, тој имот се управува во име на Република Северна Македонија и со тој имот, на ниво на општина – управува општината и општината има право да влезе. Но, и да се работи за земјиште кое ѝ припаѓа на болницата или пак за приватно земјиште, општината дефинитивно може да влезе со Градежниот инспекторат и да констатира, а потоа да поднесе и пријава за дива градба и покрај тоа што е во приватна сопственост. За тоа служат инспекторатите, а не за да определат дали еден имот е приватен или не – не го проверуваат само имотот околу општината, туку напротив, целиот имот на територијата на општината“, велат експертите кои ги консултираше Порталб.мк.

Во меѓувреме, пред Судот се изведени две лица кои се обидоа да го узурпираат просторот пред Поликлиниката „Бит Пазар“, но додека тие се соочуваат со правдата, просторот зад Поликлиниката со години е узурпиран и граѓаните се принудени да им плаќаат паркинг на узурпаторите.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Вучиќ кон Пикси откако автобусот се заглави во песок: „Тешки сме Драгане“

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ изјави дека е договорено финалето на Лигата на Европа на УЕФА во 2028 година да се игра на Националниот стадион во Сурчин. Вучиќ на...