Просечната возраст на уапсените при протестите во Франција е 17 години

Немирите во Франција продолжуваат. Жералд Дерманин, министерот за внатрешни работи во Франција, тврди дека просечната возраст на демонстрантите кои биле приведени е 17 години. Притоа, најмладиот приведен има 12 години

Фото: Damien Checoury on Unsplash

Продолжуваат масовните протести и немири во Франција, како последица на убиството на 17-годишното момче Нахел Мерзук од страна на полицијата. Жералд Дерманин, министерот за внатрешни работи на Франција изјави дека просечната возраст на демонстрантите кои биле приведени е 17 години, а дека меѓу уапсените има и деца од 12-годишна возраст. Досега се нападнати и 99 општински згради низ Франција, извести Индепендент.

Нападнат бил и домот на Венсан Жанбрен, градоначалникот на општината во која бил убиен Мерзук. Во нападот биле повредени неговата жена и младо дете. Тој тврди дека со немирите се напаѓа „демократијата како таква“.

Исто така, Гардијан пишува за онлајн платформата за собирање средства за семејството на полицаецот кој го застрелал Мерзук. Платформата е организирана од Жан Месја, поранешен советник на крајнодесничарскиот кандидат за претседател на Франција Ерик Земур. Левичарски политичари во Франција ја имаат наречено платформата „непристојна“. Досега се собрани повеќе од 1.000.000 евра, а слична платформа за собирање средства за семејството на жртвата има собрано само 200.000 евра.

Бабата на 17-годишната жртва вели дека е крајно разочарана од поддршката дадена кон полицаецот.

„Тој го одзеде животот на мојот внук. Мора да биде казнет, како секој друг што би бил. Но, верувам во правниот систем. Верувам во правда“, изјави таа.

Обединетите нации (ОН) апелираа Франција да го признае и да се справи со проблемот на дискриминација врз основа на раса во нивната полиција. Овој апел е само неколку месеци по критиката на ОН кон Франција во однос на дискриминација врз основа на раса при апсења и застанување на возила од страна на француската полиција. Француската влада целосно ги отфрла тужбите дека нивната полиција има проблеми поврзани со расизам.

Расата како концепт е општо контроверзен во Франција бидејќи државата не води никакви статистики поврзани со раса и етникум, сметајќи дека тоа не би се совпаднало со државниот принцип на еднаквост. Некои млади активисти сметаат дека ова табуизирање на расата предизвикува да не може отворено да се дискутира за дискриминација поврзана со раса. Претседателот на Франција Емануел Макрон, пак, има неколку пати кажано дека мисли оти „увозот“ на социјални и културолошки идеи од Америка за раса и род ја поделува и фрагментира Франција.

Четврта ноќ на немири во Франција, речиси илјада уапсени