Бројот на заразени пациенти со ковид-19 во земјава, надмина 12.000. Од првиот случај кој се појави пред пет месеци до денеска бројот на починати лица заклучно со последната статистика е 530. Но, во последните недели Дневната динамика на бројот на дрегистрирани оздравени пациенти е солидна, бидејќи на дневно ниво стотици пациенти се евидентираат како оздравени.

Очекувањата пред неколку месеци беа дека бројката на заболени во кулминацијата на ширењето на епидемијата во Северна Македонија во април и мај ќе достигне не повеќе од 2.000 случаи. Понатаму, прогнозите беа дека во месец август бројката на новозаболени ќе се намали и ќе имаме од 5 до 10 случаи на ден и дека до Нова година бројот на починати ќе биде околу 1.000 лица. Но, реалноста е дека динамиката на зголемување на бројот и на заболени и на починати лица од ковид-19, е далеку повисока.

Микробиологот проф. д-р Никола Пановски вели дека просечниот дневен биланс од над 110 лица, е резултат на тоа што луѓето не носат лична заштита и на тоа што не ги почитуваат мерките.

– Голем проблем е трансмисијата што се случува во фабриките и во јавниот превоз. Видете што се случува во Штип, во Свети Николе – вели д-р Пановски.

Тој предупредува дека иако во моментов има благ пад на бројот на нови случаи на дневно ниво, ако од септември се отворат училиштата и градинките „ќе биде полошо“.

– Сега ситуацијата ќе биде ваква, ќе се поднамалува, но потоа кога ќе залади, ќе има зголемување на бројот на новозаразени пациенти – вели Пановски.

Тој тргнувајќи од личен пример вели дека исто така има деца ученици, а самиот е во ризична група.

– Болеста кај децата не е сериозна, проблемот е што можат да ја донесат дома. А ќе почнат настинки, други вируси – вели Пановски.

Тој потенцира дека исто така, значително можат да продонесат за зголемувањето на бројот на новозаразени лица, собирањата на младите во затворен простор.

– Замислете она што го видовме на Градиште да се преточи во затворена просторија, а тоа се очекува да се случи – предупредува докторот.

Според него, ако во Градиште се заразија 10 души, сега ќе се разболат 200, бидејќи целата атмосфера ќе биде полна со вирус.

– Тоа е исто како кога се пуши во затворен простор, сите го дишат тоа – објаснува Пановски.

Министерството за здравство вчера информираше дека трета недела по ред продолжува трендот на намалување на бројот на новозаболени и на починати лица, а од друга страна, се бележи благо зголемување на бројот на оздравени лица.

Според податоците во неделниот извештај на Институтот за јавно здравје за периодот од 3 до 9 август, се регистрирани 1.038 оздравени лица, кои биле хоспитализирани или на домашно лекување, што е благо зголемување во споредба со претходниот период. Во периодот од 3 до 9 август, регистрирани се 25 смртни случаи, што е намалување од 13,8 отсто во однос на минатата недела, кога исто беше забележано намалување на бројот на смртни случаи.