На денешното рочиште за случајот „Титаник“, во кој обвинетите меѓу другото се товарат и за делото злосторничко здружување (за кое казната затвор со измените во Кривичниот законик се намалија од 10 на 3 години), воопшто не беа спомнати законските измени. Со новите законски измени, практично е настанато застарување на ова дело за обвинетите Никола Груевски и Кирил Божиновски, но тие се товарат и за други кривични дела, па оттаму, судењето ќе продолжи.
На денешното рочиште се сослушувале сведоци, но ниту обвинителката, ниту одбраната не го отвориле прашањето за застарување на делото злосторничко здружување.
Обвинителката Лиле Стефанова, како што објави ТВ Телма, во разговор со новинарите објаснила дека ќе се произнесе во завршниот збор. Тогаш се очекува да го повлече обвинението за злосторничко здружување, а судот застареноста ќе ја констатира во пресудата. Според Стефанова, судењето за „Титаник“ во секој случај треба да продолжи затоа што обвинетите одговараат и за други кривични дела кои се поврзани со изборите и нема да има дополнителни трошоци.
Експремиер Никола Груевски и поранешниот генерален секретар на Владата Кирил Божиновски, освен за злосторничко здружување, дело кое со законските измени застарува, им се суди и за повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања.
Поранешните министри за транспорт и врски Миле Јанакиески и за внатрешни работи Гордана Јанкулоска признаа вина за овој случај.
Следното рочиште е закажано за в среда, а од обвинителството тврдат дека во секој предмет поединечно ќе одлучуваат како ќе постапуваат по измените на Кривичниот законик.