fbpx

Во Молдавија нов антивладин протест, Украина можеби ќе се повлече од Бахмут

На 13 февруари, молдавската претседателка Санду излезе со информации за наводниот заговор од Москва за соборување на молдавската влада, со цел да се стави нацијата „на располагање на Русија“ и да се попречи од нејзиниот пат за приклучување во Европската Унија

-

Нов антивладин протест во Молдавија вчера се одржа во главниот град Кишињев, кој беше организиран од проруската партија „Шор“ и самопрогласената група „Движење за народот“, јавува Асошиејтед прес (АП). Илјадници демонстранти излегоа на улиците, барајќи од новата прозападна влада целосно да ги субвенционира зимските сметки за струја и „да не ја вовлекува земјата во војна“.

АП пренесува дека протестот во Кишињев доаѓа во период на нови стравувања од немири во земјата која се граничи со Украина и во којашто се наоѓа отцепениот регион Транснистрија, каде што се стационирани руски војници. На вчерашниот протест во Кишињев дел од демонстрантите побараа оставка од молдавската претседателка Маја Санду.

Молдавскиот олигарх и лидер на партијата „Шор“, Илан Шор, кој се наоѓа во егзил и кого што американскиот Стејт департмент го има вметнато на листата на санкции како поддржувач на руските интереси, ја обвини полицијата дека се обидела да го „спречи мирниот митинг“.

Ова е втор антивладин митинг во Кишињев во изминативе две недели и се случува во услови на зголемена загриженост за обидите на Русија да ја дестабилизира и оваа поранешна советска република, која не е членка на НАТО.

На 13 февруари годинава, молдавската претседателка Санду излезе со информации за наводниот заговор од Москва за соборување на молдавската влада, со цел да се стави нацијата „на располагање на Русија“ и да се попречи нејзиниот пат за приклучување во Европската Унија. Русија остро ги отфрли нејзините тврдења. Молдавската влада побара од Уставниот суд да ја прогласи партијата Шор за нелегална. Обвинителството за гонење на корупцијата во Молдавија тврди дека протестите во оваа земја биле делумно финансирани со руски пари.

И додека расте загриженоста за натамошна дестабилизација на Молдавија, во Украина продолжуваат борбите на фронтот и руските ракетни напади врз населени места. Економскиот советник на претседателот Володимир Зеленски, Александар Родњански во изјава за Си-ен-ен рече дека украинските сили би можеле да се повлечат од градот Бахмут, доколку тоа биде стратегиски потребно. Русија претрпе огромни загуби во изминативе месеци во обидите за освојување на ова населено место во Донецкиот регион, но не успеа да го окупира.

„Нашата војска очигледно ќе ги одмери сите опции. Досега, тие го држеа градот, но, ако треба стратегиски, ќе се повлечат – затоа што нема да го жртвуваме целиот наш народ за ништо“, изјави Родњански.

Украинскиот генералштаб соопшти дека битката за Бахмут продолжува и дека засега не е донесена одлука за повлекување на украинските војници од овој град. Битката за Бахмут е симбол на украинскиот отпад изминативе месеци, а во малиот град кој некогаш имаше околу 70.000 жители денес се останати околу 4.500 лица.

Руската армија убила тројца цивили во изминатово деноноќие во Донецкиот регион, а во нападите се ранети најмалку четири лица, пренесува Укринформ. Во Херсонскиот регион загинале пет лица, а најмалку седум цивили се повредени, пренесува Гардијан. Градот Херсон и други населени места од левата страна на реката Днипро деноноќно се мета на безмилосни ракетни напади на руската војска. Вакви напади изминатово деноќие биле регистрирани и во Днипропетровскиот регион, при што биле погодени цивилни цели во градот Никопол. Во руското гранатирање на градот Чухуив во Харкивскиот регион биле повредени двајца цивили.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Не е точно дека француски трупи пристигнале во украинскиот град Славјанск

Станува збор за некритички пренесена вест од опскурен Телеграм канал „Воена хроника“, непознат во пошироката јавност, а неговата релевантност и кредибилност се под голем знак прашалник. Оваа вест не ја...