fbpx

Во Могила цела ноќ се спасуваа куќите и стоката од надојдените води

-

Се спасуваше стоката, се прибираше покуќнината. Вака жителите на селото Вашарејца во пелагониската општина Могила ја поминаа ноќта откако Црна Река повторно се излеа во атарите на неколку села.

Спасе Божиновски, земјоделец од Вашарејца, вели дека цела ноќ ја испумпувале водата од дворовите и копале канали да ја насочат кон одводите само за да не им влезе во куќите.

– Сè се случува како лош сон, пак истата слика од пред еден месец. Стоката ја носиме во повисоките места од селото, силажата ја ставаме на побезбедно место. Нивите и родот ни отидоа, останува уште луѓето и стоката да ги спасуваме – вели земјоделецот Божиновски.

Земјоделците велат дека жителите на општина Могила „вријат“ од револт бидејќи надлежните институции не ја сфатиле сериозно работата и не го поправиле коритото на Црна по првите големи поплави.

– Дојдоа пред три недели кога беше убаво времето, со „липкерите“ почнаа да прават насипи и до вечерта си заминаа. Ја оставија работата на почеток, многу несериозно – вели Божиновски.

Во општина Могила повеќе од 5.000 хектари од нивите повторно се под вода, а патот кој води кон внатрешноста на селата е сосема поплавен.

Напорна им била ноќта и на жителите на втората пелагониска општина Новаци. Таму Општината цела ноќ ангажирала градежни машини да ги поправаат насипите, да го зајакнуваат и да го стабилизираат обрачот што во февруари беше направен околу селото Новаци, каде постоеше опасност од поплавување на куќите и на шталите.

– Имаме неколку критични точки и сега се фокусиравме на нив, страв ни е да не се скине деветиот канал кај селото Радобор и Чарлија зашто тогаш ќе биде опасно за селата во нашата општина. Инаку, засега, ситуација кај нас е стабилна, цела ноќ со машини работиме на правење нови насипи – вели градоначланикот на општина Новаци, Лазар Котевски.

А.Б.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Правиме букви“ – утре детска работилница за фонтови во „Бруталиск“

Утре, в недела во 11 часот во КЦ Бруталиск се одржува бесплатна работилница за писма, фонтови и типографија за деца над шест годишна возраст. Под менторство на Небојша Гелевски...