(ВИДЕО) Ива Стојановиќ – кога љубовта кон животните се претвора во акција за менување судбини

Во својот дом, во околината на Скопје, Стојановиќ има 27 мачки и 14 бездомни кучиња. Тие се трудат да го направат невозможното, и најчесто успеваат - да најдат дом за секое напуштено животно кое заслужува подобар живот

Фото: Лична архива, колаж

Со своите емотивни стории на социјалните мрежи, Ива Стојановиќ од Скопје со години наназад се обидува да им го приближи она што македонските граѓани понекогаш имаат потешкотија да го разберат – зошто треба да се има емпатија кон секое живо суштество на планетава, зошто треба да се помага и пред сè, дека порастот на бездомните животни во државата се должи најмногу на неодговорното сопствеништво и на недостигот од казни за неодговорните сопственици.

Во својот дом, во околината на Скопје, Стојановиќ во моментов има 27 мачки и 14 кучиња. Сите спасени од сигурна смрт, оставени од газдите, удрени од автомобили, повредени, изнемоштени. Тие се трудат да го направат невозможното, и најчесто успеваат.

За овие животни тие не бараат дом во земјава. Одамна се откажале од тоа, токму поради недостигот од мерки во државата – да се следи трагата каде завршува секој вдомен миленик, дали соодветно се чува или пак повторно завршува на улица. Преку здружението „Cat Shelter Meow Paws“, Ива помага на повредени мачки и кучиња, животни кои многумина би ги одминале, мислејќи дека нема надеж за нив. Но, таа и членовите на здружението го докажуваат токму спротивното – дека надеж секогаш има. Дом на бездомните мачки и кучиња наоѓаат во Велика Британија, Англија, Шкотска…

Тие ни испратија стотици фотографии и видеа од спасените животни во последниов период, а ова се само дел од нив. Вистинско задоволство е да се види што значи еден спасен живот, кој буквално бил на работ меѓу животот и смртта.

Не можам да одберам само неколку приказни. Тоа е како да ме прашувате кое ми е омилено дете, од сите овие, вели Ива.

„Хуманоста и желбата да помогнеме на животно кое се наоѓа во лоша состојба сме ја имале отсекогаш. Ама заедничката хумана приказна почна пред 13 години, кога ги споивме нашите енергии и сфативме дека заедно можеме да менуваме судбини. На почетокот помагавме локално, храневме бездомни животни, правевме куќички за бездомни животни од картони, искористени даски и рециклиран материјал. Секој денар го стававме на страна за да можеме да собереме доволно за стерилизација или кастрација на некое бездомно животно“, раскажуваат тие за Мета.мк.

Подоцна, регистрираат здружение, се официјализираат и почнуваат да бараат донации со цел да помогнат на што повеќе животни на кои им треба дом.

„Најголемиот поттик беше (и сè уште е) очајната состојба со бездомните животни. Нема ден да не добиеме апел за помош на повредено животно, напуштено, старо или болно“, вели Стојановиќ.

Дел од животните што ги чуваат, како што велат од здружението, се „невдомливи”.

„Тоа се животни кои се стари, хронично болни, истрауматизирани… Животни на кои им е скршен духот и им е нанесена толку силна болка (физичка или психичка), што не би можеле да се прилагодат на нова средина“, раскажуваат оттаму.

Таков е примерот со Јода, куче од 3 килограми и старо 14 години, со тумор, кое било оставено само затоа што газдите мислеле дека веќе нема надеж за него и повеќе не го сакале. Тој освен тумор, имал и проширено срце, бубрези кои веќе му откажувале, а очекувањата биле дека нема да живее повеќе од еден до два месеца.

Откако доаѓа во рацете на членовите на здружението, Јода живее уште две години. Ако претходно живеел само во двор, последните години тој ги поминува во топол дом.

„Ја преживеа операцијата, беше на терапија за бубрези, апчиња за срце. Му го прославивме 16. роденден пред да нè напушти, со торта, колачиња, свеќички. Се изнајаде, превозбуден дека нешто невообичаено се случува. Две години живееше како крал. Излегуваше надвор, се сончаше, така слеп, си гледаше во празно, но уживаше со нас. Се надевам дека тие две години, пред да си замине, беа доволни да го заборави 14-годишниот живот претходно“, велат од Cat Shelter Meow Paws.

Другиот дел од животните кои се кај нив се релативно млади и здрави животни кои се подготвени за вдомување.

„Поради непријатните искуства низ годините, кога наши вдомени животни биле напуштани, третирани несоодветно, а и поради прекини во комуникацијата со вдомувачите, ние не вдомуваме животни во Македонија. Кај нас, законот не ги штити соодветно животните. Секој може да го фрли, напушти, да го повреди својот миленик, а да сноси минимална (или никаква) казна. Свеста кај луѓето сè уште не е на доволно високо ниво за да вдомуваат нерасни кучиња. Сè уште, за жал, животното се гледа како статусен симбол, па скоро секој претендира да има расно куче. Малтезер, бишон, бело, пуфкасто, да не расте и да не пушта влакна“, велат од здружението.

Сите животни тие ги чуваат во домашни услови. Кучињата спијат на кревет со нив, а мачките си имаат свои соби исполнети со гребалки за качување, топчиња, тунели, глувчиња на батерии и слични интерактивни играчки. Мачките живеат исклучиво внатре, а кучињата на поводници излегуваат надвор.

„Нашите животи се подредени на нивните потреби. Тоа што е најважно е животните да имаат квалитетна храна, флаширана вода, песок, закуски и хигиена на највисоко можно ниво“, истакнуваат од здружението.

На почетокот тие сето ова го правеле од сопствени примања, односно од платата. Но, со текот на годините, стекнале репутација, луѓето почнале да ги запознаваат, да им веруваат и да им донираат.

„Пред две години ја регистриравме и нашата организација во Шкотска од страна на пријатели кои имаат вдомено животни од нас и тие ни се логистика за вдомување во странство. Прават проверка на домовите и потенцијалните вдомувачи, организираат базари, собираат средства за нашите животни и слично. Сите наши животни се тестирани за заразни болести, вакцинирани, стерилизирани, кастрирани, чипирани и редовно прочистувани со ампули и апчиња“, велат оттаму.

Па така, месечните потреби на животните, како и ветеринарните интервенции се финансирани од донации, а тие се издржуваат од платата од работните места на кои работат, паралелно со овој хуман активизам.