Пожарите и поплавите – најчести природни непогоди во земјава во последните две децении

Најголем дел од природните катастрофи настанати во земјава, околу 80 отсто, се шумските и пожарите на отворено и на земјоделско земјиште. Поплавите се 12 проценти, а остатокот се екстремни временски настани како мраз, снежни наноси, грмотевици, одрони на земја и ерозија која е резултат на поројни поплави

Фото: Центар за управување со кризи

Пожари и поплави се најголемиот дел од природните непогоди кои се случиле во С. Македонија во периодот од 2005 до 2023 година, покажува Анализата на екстремни временски настани која ја изработи Центарот на климатски промени. Само на овие две непогоди отпаѓаат над 90 проценти од природните катастрофи што се случиле во земјата. Анализираните податоци откриваат дека пожарите и поплавите најчесто се регистрирани во периодот од март до септември, а особено се зачестени во последните десет години, што укажува дека се директно поврзани со влијанијата на климатските промени и покачувањето на просечните температури.

Истражувањето покажало дека најранливи и најизложени на пожари се општините Кочани, Кавадарци, Кратово, Неготино и Велес. Во однос на поплавите, најзагрозени се Чешиново-Облешево, Кочани и Демир Хисар. Според планските региони, најголема изложеност на екстремни временски настани е регистрирана во Вардарскиот регион, по што следуваат Источниот и Североисточниот регион.

Од Центарот за климатски промени велат дека кај нас, за жал, има многу малку ваков тип на анализи и истражувања кои би требале да одговорат на прашањата кои региони во земјава се најзасегнати од природните непогоди, а кои се наjотпорни и имаат најдобар капацитет за справување со нив. Нема податоци ниту кој од овие временски настани предизвикува поголеми штети, заради што и ретко која од општините има соодветен одговор како правилно да се справи со нив.

Претседателката на Центарот за климатски промени, Бојана Станојевска-Пецуровска вели дека анализата покажала дека најголем дел од природните катастрофи настанати во земјава, околу 80 отсто, се шумските и пожарите на отворено и на земјоделско земјиште. Поплавите заземаат 12 проценти, а остатокот се екстремни временски настани како мраз, снежни наноси, грмотевици, одрони на земја и ерозија која е резултат на поројни поплави.

„Податоците кои ги добивме ни укажуваат дека ни е потребна зачестена контрола во шумските предели. Мерката за забрана за движење во шума е одлична, но покрај неа потребно е институциите да работат и на зголемување на човечките капацитети кои ќе прават контрола дали оваа мерка се спроведува. На овие служби им треба и соодветна опрема, квалификации и возила. Треба да се зголеми бројот на пожарникари и бројот на возила, да се дообучат и да се доквалификуваат пожарникарите и да се опремат со модерна опрема како дронови, термални камери и друго“, вели Станојевска-Пецуровска.

Таа посочува дека во земјата постојат многу малку податоци за тоа која од овие природни непогоди колкава штета предизвикува. Иако пожарите се побројни, сепак можно е поплавите да предизвикуваат поголеми последици за урбаните и руралните заедници. Слабо стоиме и со анализите на временските настани кои се случувале во минатото, за да се утврдат најранливите подрачја од општините и тие ризици да се вклучат во планирањето и проектирањето за тие делови, особено преку воспоставувањето на механизми кои ќе се засноваат на рана најава и предупредување.

„Неопходно е одговорните институции и сите донесувачи одлуки да ги приоритизираат овие проблеми бидејќи очекуваме дека во иднина ќе зачестат. Ние анализиравме период од 18 години, но се забележува дека во последните десетина години овие појави се позачестени. Затоа е потребно општините да алоцираат што повеќе средства како во превенцијата така и во соодветен одговор на овие природни непогоди“, вели Станојевска-Пецуровска.

Анализата покажува дека локалните самоуправи имаат недостиг на човечки капацитети, со оглед на фактот дека во секторите за превенција и заштита од ризици и природни катастрофи работат по еден или двајца вработени. Тие не се ниту доволно квалификувани, ниту, пак општините имаат соодветен систем и механизми за прибирање, чување и анализа на податоци, кои понатаму би се искористиле за дефинирање на соодветни мерки за заштита. Истовремено, неопходно е информациите за предвидувањата за природни непогоди и евидентираните настани да бидат достапни и до граѓаните и сите заинтересирани страни како би можело да се постигне поголема заштита и отпорност.

„Голем дел од општините немаат планови за спречување на природни катастрофи. Потрбно е да ги направат, да ги усвојат и да ги спроведуваат, советува Станојевска-Пецуровска.