Во ковид центрите се лекуваат 106 пациенти

Фото: Mufid Majnun on Unsplash

Вкупната бројка на пациенти позитивни или сомнителни за  на корона вирусот кои се лекуваат на инфективните одделенија во главниот град и во болниците низ земјава е 106 и има околу 530 празни болнички кревети во ковид центрите, соопшти Министерството за здравство (МЗ).

Во изминатите 24 часа во ковид центрите во Скопје има хоспитализирано еден нов пациент поради компликации од корона вирусот. Вкупно 38 лица сомнителни и потврдени за ковид-19 се лекуваат на инфективните одделенија во главниот град, велат од МЗ.

Новиот пациент е примен во Ковид центарот во ГОБ 8 Септември.

Во изминатите 24 часа дома се пуштени двајца оздравени пациенти.

Во Ковид центарот на Институтот за ТБЦ се лекуваат 2 пациенти.

Во ГОБ 8 Септември има вкупно 14 болни, а на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби лежат 22 пациенти.

Голем дел од пациентите се на кислородна поддршка.

Што се однесува до земјава, во изминатите 24 часа во Ковид центрите во болниците низ земјава е пријавено дека се лекуваат вкупно 68 пациенти позитивни и сомнителни за корона вирусот.

Според извештаите на болниците кои пристигнуваат во Министерството за здравство на дневна основа, во болницата во Битола се хоспитализирани 4 пациенти, позитивни и суспектни на Ковид 19.

Во болницата во Штип се хоспитализирани 5 пациенти. На инфективното одделение во Тетово има 3 пациенти, во Велес се лекуваат 6 болни, а во Куманово 18 пациенти позитивни и сомнителни за ковид-19.

Во ковид центарот во Охрид има хоспитализирано 6 пациенти, во Прилеп 3, во ковид центарот во Гостивар 8, а во Струга 5 болни.

Во болницата во Струмица хоспитализирани се 9 пациенти, во Кичево 1, а во Кавадарци и во Гевгелија нема хоспитализирано лица позитивни или сомнителни за корона вирусот.

Поради намалениот број на болни, болниците затворија дел од капацитетите наменети за ковид пациенти.

Министерството за здравство порачува оти има увид во состојбата со капацитети и доколку има потреба одделенијата ќе бидат дополнително проширени.