Од грип почина 45 годишна пациентка, надлежните повикуваат на вакцинација

„Се забранува посета во болница, маски да се носат и во болница и во објекти кои згрижуваат стари лица, а оние кои ќе имаат симптоми на грип, да користат маски, да избегнуваат гужви“, рече денеска д-р Александар Петличковски, претседателот на Комисија за заразни болести

Извор на фотографија: Министерство за здравство

На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби починала 45-годишна пациентка како последица на грип, информира денеска д-р Милена Стевановиќ, директорка на Клиниката. Таа заедно со д-р Александар Петличовски, претседателот на Комисијата за заразни болести, даваа изјави за медиумите по состанокот на комисијата, на кој беа усвоени препораки и мерки што се однесуваат на грипот и на големата кашлица.

„Пациентката кратко време беше хоспитализирана кај нас. Пациентката е релативно млада, на 45 години, но со сериозни ризици за тешка болест, односно била сериозно обезна, со хронична белодробна болест, со дијабетес и хипертензија. Сега е сезона баш на грип, бројките на заболени растат и тоа е очекувано. За кратко време ќе го достигнеме и пикот и затоа треба да сме сите внимателни“, рече д-р Стевановиќ.

Таа предупреди дека грипот може да е сериозна болест и дека вакцината е најдоброто оружје против тешките форми на грип, како за сите останати респираторни инфекции.

„Научивме дека маска не е голем проблем да се носи, таа е од голема корист во заштитата од респираторни инфекции. Во моментов на клиниката се хоспитализирнаи седуммина пациенти со грип, имаат и хронични заболувања. Освен тоа имаме и 6 ковид пациенти, кои се во длабока возраст, со тешки коморбидитети. Клиничката слика им варира, биле потешки случаи, сега се подобри, за некои очекуваме и исписи“, информира таа.

Д-р Петличковски информираше дека членовите на Комисијата за заразни болести денеска одлучиле да се забранат посетите во болница, како и во домовите во кои се згрижуваат стари лица.

„За состојбата со голема кашлица, останати сме на тие два случаи, од кои еден е импортиран и еден е локален случај. Се работи за девојка родена 1994 година и за шестмесечлно бебе, невакцинирани се двајцата, засега се во добра состојба. Во регионот зачестуваат случаите на голема кашлица, а ние кога се работи за опфат, стоиме на 83,9 отсто вакцинирани со првите три дози. Тоа не е бројка која ја посакуваме, потребен ни е опфат од минимум 95 отсто, па затоа затоа ги повикуваме родителите да ги вакцинираат и заштитат нивните деца. Пертусис е најопасна болест за малите деца“, предупреди Петличковски.

И тој предупреди дека сме во сезона на интензивни респираторни инфекции.

„Една од препораките е и да се носат маски во болница и во објекти кои згрижуваат стари лица. Исто така, апел до граѓаните совесно да делуваат кога ќе се почувствуваат дека се болни – да користат маски, да избегнуваат гужви, затворен простор. Тоа се заклучоците“, додаде Петличковски.

Во пресрет на почетокот на второто полугодие, членовите на Комисијата не донеле некакви посебни препораки.

„Започнува учебната година, но засега нема ризик дека нешто страшно ќе се случува. Само едно потсетување за редовно проветрување и одржување хигиенски мерки“, додаде тој.

Мета веќе објави дека расте бројот на случаи заразени со бордетела пертусис (голема кашлица) во регионот. Со повеќе од 4.000 случаи во Хрватска, повеќе од 1.000 случаи во Србија и 290 случаи во Црна Гора, се појавува загриженост кај граѓаните во врска со болеста. Кај нас, пак, од почетокот на оваа календарска година регистрирани се два случаи.

Д-р Кристина Ставридис, епидемиолог во Институт за јавно здравје, не ја отфрли можноста за појава на епидемија, посебно поради нискиот опфат со вакцинација и присуството на болеста во околните земји.

„Појава на случаи на пертусис не е невообичаено, посебено сега кога во регионот и Европа се регистрираат епидемии и зголемен број на случаи на пертусис, а особено во ситуација кога се соочуваме со намалување на опфатот со вакцинација“, нагласи Ставридис.