fbpx

Комисијата за заразни болести наредна недела ќе одлучува дали ќе има мерки и препораки за големата кашлица

Во 2022 година опфатот на примовакцинацијата со три дози на ДиТеПер изнесуваше 83,9 проценти. Но, овој процент треба да биде далеку повисок над 90-95 проценти за да може да се обезбеди колективен имунитет, вели Кристина Ставридис, епидемилог во Институт за јавно здравје

-

Расте бројот на случаи заразени со бордетела пертусис (голема кашлица) во регионот. Со повеќе од 4.000 случаи во Хрватска, повеќе од 1.000 случаи во Србија и 290 случаи во Црна Гора, се појавува загриженост кај граѓаните во врска со болеста. Кај нас, пак, од почетокот на оваа календарска година регистрирани се два случаи, но и покрај тоа, членовите на Комисијата за заразни болести ќе се состанат идната недела и ќе дискутираат околу евентуални здравствени мерки.

Мета.мк разговараше со д-р Кристина Ставридис, епидемилог во Институт за јавно здравје во врска со состојбата со голема кашлица. Таа не ја отфрла можноста за појава на епидемија, посебно поради нискиот опфат со вакцинација и присуството на болеста во околните земји. 

„Појава на случаи на пертусис не е невообичаено, посебено сега кога во регионот и Европа се регистрираат епидемии и зголемен број на случаи на пертусис, а особено во ситуација кога се соочуваме со намалување на опфатот со вакцинација“, изјави Ставридис. 

Во нашата земја, скоро секоја година има регистрирани случаи на пертусис, а лани имаше три евидентирани случаи.

„Во 2022 година опфатот на примовакцинацијата со три дози на ДиТеПер изнесуваше 83,9 проценти. Но, овој процент треба да биде далеку повисок над 90-95 проценти за да може да се обезбеди колективен имунитет. Намалувањето на опфатот со вакцинацијата е глобален тренд што во најголема мера се поврзува со ковид пандемијата која ги афектираше здравствените системи во сите сегменти, вклучително и вакцинацијата“, додава д-р Ставридис.  

Таа апелира родителите да ги проверат вакциналните картони на децата и доколку не се вакцинирани, да ги вакцинираат за да се заштитат. Ако е пропуштена вакцинацијата на детето, треба да го вакцинираат во најбрзо време.

Вакцинацијата против пертусис се спроведува со три дози (комбинирана, поливалентна вакцина) како примовакцинација, на возраст од 2, 4 и 6 месеци. И две ревакцинации, првата на возраст од 18 месеци и втора на возраст од 7 години (односно во второ одделение). 

Д-р Злате Мехмедовиќ, портпаролот на Комисијата за заразни болести, за Мета.мк вели дека членовите на комисијата ја следат состојбата со големата кашлица во Македонија, каде што моментално има два случаи, но коментира дека состојбата во регионот е посебно сериозна во Хрватска. Тој најави и дека следната недела ќе има седница на која ќе се дискутира проблемот.

„Следната недела ќе имаме редовен состанок на кој ќе ја дискутираме состојбата за сите инфективни заболувања вклучувајќи и ја големата кашлица“, кажа Мехмедовиќ, кој исто така го повтори апелот за вакцинација.

Дополнително, вчера министерот за здравство, Фатмир Меџити, по отворањето на реновираната операциона сала на Клиниката за ортопедски болести најави дека е дадена наредба да се проверат сите вакцинални картони од бебиња.

Од Министерството за здравство за Мета.мк изјавија дека ја следат состојбата и се преземаат сите потребни мерки.

„Во моментот, нема простор за паника. Во државата досега се пријавени два случаи, од кои едниот импортиран од европска држава. И во минатите години болеста била присутна со спорадично појавување и максимум пријавени 39 случаи пред неколку години. Ги повикуваме родителите да ги вакцинираат своите деца според предвидениот распоред за вакцинирање, бидејќи тоа е најефикасниот начин на заштита. КЗБ ќе има редовен состанок на кој ќе се дискутира состојбата со инфективните заболувања следната недела“, велат од МЗ. 

Инаку, од големата кашлица или пертусис најчесто заболуваат деца на возраст од една до пет години, но и доенчиња. Периодот на инкубација (првиот стадиум на болеста) потсетува на настинка со кашлица, а потоа преоѓа во напад на испрекинато кашлање. Кај малите деца кашлањето може да доведе до прекин на дишењето и со тоа може да се загрози животот. Со текот на времето, нападите на кашлање стануваат поблаги и проретчени.  

Најефикасен лек за оваа болест е всушност превенција преку вакцинација, а токму затоа лекарите апелираат децата да бидат вакцинирани.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Вучиќ кон Пикси откако автобусот се заглави во песок: „Тешки сме Драгане“

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ изјави дека е договорено финалето на Лигата на Европа на УЕФА во 2028 година да се игра на Националниот стадион во Сурчин. Вучиќ на...