За една недела, евидентирани два смртни случаја асоцирани со грип

Кај едно од починатите лица е утврдено присуство на коморбидитети (бубрежни, кардиолошки, дијабетес). Двете починати лица не биле вакцинирани со вакцина против сезонски грип

Фото: CDC на Unsplash.com

Во текот на последнава недела, регистрирани се два смртни случаја асоцирани со грип. Станува збор за лица на возраст од 49 и 65 години од Скопје и од Велес кои биле хоспитализирани на Клиниката за инфективни болести и во Градската општа болница „8 Септември“, информира денеска Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) во неделниот извештај. Кај едно од починатите лица е утврдено присуство на коморбидитети (бубрежни, кардиолошки, дијабет). Лицата не биле вакцинирани со вакцина против сезонски грип.

„Во досегашниот тек на целата сезоната на грип, регистрирани се 11 починати лица асоцирани со грип. Од нив, пет се од Скопје и по едно лице е од Велес, Куманово, Неготино, Гостивар, Демир Хисар и Штип, шест од возрасната група на лица 15 до 64 години и пет од возрасната група на лица над 65 години, сите хоспитализирани, 10 со коморбидитети и сите невакцинирани против сезонски грип“, стои во извештајот на ИЈЗ.

По месеци, во декември лани имало 829 случаи на грип, во јануари оваа бројка била 5.716, а во февруари – 5.732 случаи.

Во однос на вакцинацијата, заклучно со последната недела, во Р.С. Македонија, вакцинирани се вкупно 61.719 лица со бесплатна или комерцијална вакцина.

Стапките на заболувања слични на грип и/или акутна респираторна инфекција, се покачени над основните нивоа во 27 од 34 земји и области на Европскиот регион на СЗО.

„Иако има варијации во различни земји, на регионално ниво, активноста на грипот на грип се стабилизира, а интензитетот се намалува на ниво на регионот. Активноста на SARS-CoV-2 и RSV се намалува во последните два месеци. На регионално ниво, хоспитализациите и приемите во одделите за интензивна нега поврзани со сите респираторни вируси се намалуваат веќе два месеци“, се додава во извештајот.