Нобелова награда за изумителите на мРНК вакцините

Научниците Каталин Карико и Дру Вајсмен биле клучни во напредокот на развојот на технологијата зад мРНК вакцините - истата технологија која стои зад вакцините против ковид-19 развиени од Фајзер и Модерна

Фото: Original: Nicholas D'Amico, Gallantry Media Group, LLC, CC BY-SA 4.0, via Wikimedia Commons, Szegedi Tudományegyetem, CC BY-SA 4.0, via Wikimedia Commons

Годишната Нобелова награда за физиологија или медицина беше доделена на унгарската научничка Каталин Карико и американскиот научник Дру Вајсмен. Двајцата научници биле клучни во развивање на технологијата зад мРНК вакцините, технологија која беше основата на вакцините против ковид-19 развиени од Бионтек-Фајзер и Модерна, известува Би-би-си.

Пред ковид-19 пандемијата, мРНК технолгијата за вакцини беше експериментална и никогаш претходно не била искористена на масовното ниво на што беше искористена за време на пандемијата.

Од Комитетот за Нобеловата награда, како што пренесува Би-би-си, изјавиле: „Луреатите придонесоа за невидената стапка на развој на вакцини за време на една од најголемите закани за човековото здравје во модерното време“.

Карико вели дека се соочувала со потценување, па дури и од страна на колегите, поради нејзината посветеност кон мРНК технологијата, известува Ројтерс. Таа вели дека истражувања поврзани со ДНК и генетска терапија биле најатрактивни теми за научниците. Како последица на тоа, ретко се доделувале соодветни грантови за истражувања во областа на мРНК вакцините. Таа сè уште била исмевана кога во 2013-та година се придружила на тимот на Бионтек, бидејќи фирмата тогаш немала ниту своја веб-страница.

Други видови вакцини го изложуваат телото на ослабена верзија на вирусот или на дел од вирусот. Имуниот систем потоа учи како да се бори против тој вирус. мРНК вакцините, за разлика од нив, им ги даваат потребните „упатства“ на клетките за самите да го произведат соодветниот дел од ковид-19 вирусот против кој телото потоа може да научи како да се бори. Технологијата на мРНК вакцините овозможува многу побрзо да се развијат вакцините во споредба со други методи – нема потреба да се култивира на вирусот, потребен е само генетскиот код на вирусот. На пример, Модерна ја развиле својата вакцина против ковид-19 за само два дена, без да се смета периодот на тестирање на вакцината.