Владата прифати осум амандмани од комисиската расправа за буџетот


       
Скопје, 6 ноември, 2018 - 10:29 (META) 

На предлог на Министерството за финансии, на 100. седница Владата ги разгледа и усвои амандманите на ребалансот на буџетот за 2018 година предложени на комисиската расправа во Собранието.

„Осумте амандмани на седницата на Владата се прифатени како дополнување на предлогот за изменување и дополнување на буџетот за 2018 година, и новиот, интегрален текст на предлогот за ребаланс на Буџетот ќе биде проследен на усвојување на пленарна седница во Собранието“, информираа од Влада.

Пратениците на опозицијата поднесоа 180 амандмани и ја критикуваат власта за слабиот економски пораст и нереализирање на капиталните инвестиции.

Со предложениот ребаланс на буџетот од страна на Владата, најголема алокација на средства има за општините за кои се обезбедува финансиска поддршка во висина од 3,020 милијарди денари, со цел намалување на доспеаните, а неплатени обврски.