Фото: Исечок од видеото

Во продолжение пренесуваме анализа на „Вистиномер“ на една дезинформација што се рашири преку Фејсбук:

Рецензираме пост на Фејсбук, во кој се вели дека неверојатна снимка од Света Гора покажува дека се појавила Богородица. Според описот во текстот, видеото е снимено на планината Атос и го прикажува појавувањето на Пресвета Богородица.

Околу фигурата за која луѓето веруваат дека е Богородица, светлината свети во правилен круг, а како што видеото напредува, таа станува се појасна и појасна. Се гледаат и нејзините движења, кои многумина ги потсетија на темјанот. Инаку, легендата вели дека Богородица ја открила Светата Гора, ја благословила и утврдила таа да биде свето место каде што ќе живеат изолирани монаси посветени на молитвата и дека на ова место нема да доаѓаат жени, пишува во текстот.

Сепак, видеото не е снимено на Света Гора, ниту, пак, на него е прикажана Богородица. На Јутјуб каналот РЕАЛЬНАЯ ИНФА, на 19 ноември 2021 година, објавено е истото видео со напомена дека „турист застанал на гората Алтај“ и го снимил. Во описот под видеото на Јутјуб пишува дека снимката е од Кош, Агач, рурален локалитет и административен центар во Русија.“

Она што се гледа на видео снимката веќе е позната метеоролошка појава. Станува збор за феноменот „Brocken spectre“ (Брокен спектар), кој може да се појави на било која магловита планина или гледано од авион. Тој претставува зголемена сенка спроти облаците, спротивно од насоката во која грее сонцето. Околу главата на фигурата има зраци како ореол од обоена светлина, формирајќи отсјај, кој, пак, се појавува спротивно на насоката на сонцето. За овој феномен во Германија има и локална легенда од каде што потекнува името на феноменот. „Брокен спектарот“ е опишан од Јохан Силбершлаг во 1780 година и оттогаш е опишан во литературата за тој регион. 

Традиционалните медиуми, на пример Би-Би-Си, имаат репортажни прилози за овој редок феномен. 

„Вашингтон пост“, пак, има репортажа за Брокен спектарот во Шкотска. 

Со оглед на тоа што локацијата на оригиналното видео, преземено во постот што го рецензираме, е Русија, а не Грција, оценуваме дека видеото не е од Света Гора, појавата не ја отсликува Богородица, туку е природен и објаснет феномен, во конкретниов случај едноставно станува збор за суеверие и преку него привлекување на вниманието на читателите на социјалните мрежи, користејќи ги нивните верски убедувања, пишува „Вистиномер“.