fbpx

Вистиномер: Од корона не умираат само вакцинирани лица, 75 отсто од починатите се невакцинирани

-

Со овој манипулативен пост се споделени две фотографии од медиумски објави од соопштението од Министерството за здравство, а на една од фотографиите може да се прочита и вистинската информација, а тоа е дека 75 отсто од починатите се невакцинирани. Според податоците од Министерството, сите починати, а вакцинирани, биле хронично болни со една или повеќе болести, а само еден пациент немал хронични болести, но имал 80 години. Се работи за постари лица кои најчесто биле со кардиолошки и белодробни заболувања, дијабет и малигни заболувања, пишува „Вистиномер“ во најновата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

Фејсбук објавата којашто е предмет на оваа рецензија, ја дезинформира јавноста дека од коронавирусот умираат вакцинираните лица.

20.10.2021

Македонија

Умираат вакцинираните.

 

Оваа објава манипулира со соопштението од Министерството за здравство за состојбата со коронавирусот во периодот од 08 до 14 октомври (објавено на 19 октомври), во кое се вели дека од починати 105 пациенти со ковид-19, вакцинирани биле 26 лица.

Во период од 08.10 до 14.10.2021, починале 105 пациенти со Ковид-19, од нив над 75% биле невакцинирани. Од вкупно починатите пациенти во период од 8.10 до 14.10, вакцинирани биле 26 пациенти починати со Ковид-19.

На објавата се споделени две фотографии од медиумски објави од соопштението од Министерството за здравство, а на една од фотографиите може да се прочита и вистинската информација, а тоа е дека 75 отсто од починатите се невакцинирани.

Па така, сосема е погрешно да се извлече заклучок дека „умираат вакцинираните“, да се споделува на социјалните мрежи и притоа да се манипулира јавноста да добие впечаток дека само вакцинираните умираат.

Од соопштението на Министерството за здравство, и од самите бројки, единствениот заклучок којшто може да се извлече е дека невакцинираните се во поголема опасност од вакцинираните. Токму тоа го потврдува и процентот на починати кај невакцинирани кој е висок и изнесува 75 отсто.

Да, факт е дека помеѓу починатите има и вакцинирани лица и тоа никој не го негира. Ниту една од одобрените вакцини не заштитува 100 проценти и тоа досега никој не го тврдел, но тоа не значи дека тие се неефикасни или дека тие се причина за смртност.

Освен тоа, според податоците од Министерството, сите починати, а вакцинирани, биле хронично болни со една или повеќе болести, а само еден пациент немал хронични болести, но имал 80 години. Се работи за постари лица кои најчесто биле со кардиолошки и белодробни заболувања, дијабет и малигни заболувања.

Делта сојот ја промени, односно ја намали ефикасноста на вакцините, но тие сè уште во најголем број на случаи спречуваат тешка клиничка слика, хоспитализација и смртен исход.

На 31 јули, Центарот за контрола и превенција на болести на САД, истакна дека делта варијантата на коронавирусот е исто толку заразна, како и сипаниците и дека инфекциите кај вакцинираните може да се исто толку преносливи, како и кај невакцинираните.

На 17 септември ЦДЦ објави анализа на неколку студии спроведени во САД и други земји за ефективноста на вакцините против делта варијантата. Во анализата се вели дека од појавувањето на делта сојот, ефективноста на вакцината против хоспитализација се движи од 75 до 95 отсто, а ефективноста против инфекцијата се движи од 39 до 84 отсто – во зависност од регионот. Пред делта сојот, тој опсег се движеше од 84  до 97 отсто ефикасност против хоспитализација и од 72 до 97 отсто ефикасност против инфекција.

Ова особено влијае на имунокомпромитирани луѓе, кои имаат умерено до сериозно ослабен имунолошки систем и се особено ранливи на ковид-19 и можеби нема да изградат исто ниво на имунитет од вакцините, во споредба со луѓето кои не се имунокомпромитирани.

Овие податоци не значат дека вакцините се неефикасни и дека луѓето не треба да се вакцинираат или да се плашат доколку се вакцинирале против коронавирусот. Вакцините, сè уште се единствената заштита од заразување со вирусот и единствената алатка којашто светот ја има за да се избори со оваа пандемија која трае речиси две години, пишува „Вистиномер“.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ОБСЕ/ОДИХР: Одредени портали се создаваат само за да добиваат државни пари за изборите

Изборите во Македонија беа добро организирани, но имаше остра реторика, а недостига и регулација во сферата на онлајн порталите. Ова е генерално оценката на набљудувачите на ОБСЕ/ОДИХР и на...