Студентска конференција за глобални климатски промени ќе се одржи во петок на УКИМ

Универзитетското студентско собрание на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје (УСС УКИМ) годинава за првпат организира конференција на универзитетско ниво каде ќе се зборува за климатските промени.

Студентската конференција ќе се одржи во петок, на 29 октомври, на платформата Zoom со почеток во 10 часот.

Како што велат од УСС УКИМ, конференцијата се организира со цел студентите да добијат социјална, интелектуална и научна надоградба на тема климатски промени. Учество на конференцијата можат да земат студенти од сите факултети на УКИМ.

„Главна цел на оваа конференција е подигнување на свеста за климатските промени кај студентите. Преку научноистражувачката работа сакаме да ги поттикнеме да размислуваат и анализираат решенија за проблемите со кои се соочуваме. Со ова, ние како млади чинители и идна водечка сила на општеството, одлучивме да направиме еден чекор за актуелизирање на оваа тема и будење на општата свест“, велат од УСС УКИМ.

На конференцијата ќе зборуваат професори од Медицинскиот, Машинскиот, Правниот, Економскиот и Природно-математичкиот факултет при УКИМ, кои ќе се осврнат на влијанието на климатските промени врз човековото здравје, на нивните економски аспекти, како и на човековите права како алатка за бранителите на животната средина.

Повеќе информации околу агендата и линкот за проследување на студентската конференција можат да се најдат на Фејсбук страницата на најавениот настан.