Вештачката интелигенција може да доведе до истребување – ново предупредување на познавачите

„Ублажувањето на ризикот од истребување од вештачката интелигенција треба да биде глобален приоритет заедно со другите општествени ризици како пандемиите и нуклеарната војна“

фото: Michael Dziedzic на Unsplash

Група врвни истражувачи, инженери и извршни директори, вклучително и шефовите на OpenAI (Опен АИ) и Google Deepmind (Гугл Дипмајнд) предупредија дека вештачката интелигенција (ВИ) може да доведе до истребување на човештвото.

Изјавата од само 22 збора е објавена на интернет-страницата на невладината организација Центар за безбедност на вештачката интелигенција во Сан Франциско, САД, а ја поддржаа десетици експерти, пренесува „Врџ“.

„Ублажувањето на ризикот од истребување од вештачката интелигенција треба да биде глобален приоритет заедно со другите општествени ризици како пандемиите и нуклеарната војна“, се вели во изјавата која била скратена намерно, со цел да допре до што поширока публика.

Повикот го поддржаа Сем Алтман – главниот извршен директор на „ОпенАИ“, компанијата што стои зад четботот ChatGPT, потоа Демис Хасабис – извршен директор на „Гугл Дипмајнд“ и Дарио Амодеи од компанијата „Ентропик“.

Џефри Хинтон, таканаречениот „кум на вештачката интелигенција“, исто така го поддржа повикот.

Би-Би-Си пишува дека според други експерти, ваквите стравови се претерани.

Изјавата е уште една интервенција на познавачите на ВИ во комплицираната и контроверзна дебата за безбедноста на вештачката интелигенција. Претходно годинава, отворено писмо потпишаа повеќе експерти, а меѓу нив и дел од оние што го поддржуваат најновото предупредување од 22 збора.

Експерти бараат развојот на вештачката интелигенција да запре на нивото на кое е GPT-4