Експерти бараат развојот на вештачката интелигенција да запре на нивото на кое е GPT-4

Последниве месеци се забележани лаборатории за ВИ кои се во неконтролирана трка за развој на уште помоќни дигитални умови кои никој, дури ниту нивните креатори, не може да ги разбере, предвиди или веродостојно да ги контролира

фото: Michael Dziedzic на Unsplash

Клучни фигури во технологијата со вештачка интелигенција (ВИ) бараат обуката на моќните системи со ВИ да бидат запрени поради стравувањата од закана за човештвото.

Тие потпишаа отворено писмо со предупредување за потенцијалните ризици и велат дека трката за развој на системи за вештачка интелигенција е надвор од контрола, пренесе Би-би-си.

Помеѓу оние што бараат обуката на ВИ биде стопирана на најмалку шест месеци откако ќе постигне одреден капацитет, се и шефот на Твитер, Илон Маск, коосновачот на „Епл“, Стив Возниак и некои истражувачи во британската истражувачка лабораторија „DeepMind“.

Компанијата „ОпенАИ“ која стои зад популарниот ChatGPT, неодамна го објави наследникот на овој чет-бот, наречен GPT-4, што претставува најнапредна технологија која ги инспирираше набљудувачите со нејзината способност да извршува задачи како што се одговори на прашања за објекти во фотографии.

Писмото од Институтот „Иднината на животот“ (Future of Life Institute) кое е потпишано од познатите претставници на ВИ, сега бара развојот привремено да запре токму на нивото на кое е GPT-4, предупредувајќи за ризиците кои можат да ги донесат идните и понапредни системи.

Институтот, инаку, претставува непрофитна организација која вели дека нејзината мисија е да ја „насочи технологијата подалеку од екстремните и големи ризици и да донесе корист за животот“. Илон Маск е наведен како надворешен советник на организацијата.

Во писмото се вели дека напредната вештачка интелигенција треба внимателно да се развива, а наместо тоа последниве месеци се забележани лаборатории за ВИ кои се во неконтролирана трка за развој на уште помоќни дигитални умови кои никој, дури ниту нивните креатори, не може да ги разбере, предвиди или веродостојно да ги контролира.

Потписниците на писмото предупредуваат дека вештачката интелигенција може да ги преплави информативните канали со дезинформации и да ги замени работните места со автоматизација.

Писмото на „Иднината на животот“ следи по неодамнешниот извештај на инвестициската банка Голдман Сакс во кој се вели дека иако ВИ веројатно ќе ја зголеми продуктивноста, милиони работни места би можеле да станат автоматизирани.

Ако лабораториите за ВИ не ги паузираат обуките на системите помоќни од GPT-4 веднаш, во писмото се бара од владите во светот да преземат чекори и да воведат забрана.

„Би биле потребни и нови и способни регулаторни органи посветени на вештачката интелигенција“, се додава во писмото.

„Опен АИ“ го најави GPT-4, наследникот на ChatGPT