„Кумот“ на вештачката интелигенција го напушти „Гугл“ со жалење и со страв за тоа што го работел

Истражувањата на д-р Хинтон за невронските мрежи и длабокото учење го отвори патот за сегашните системи за вештачка интелигенција како ChatGPT

File source: http://commons.wikimedia.org/wiki/File:Geoffrey_Hinton_at_UBC.jpg

Човекот кој се смета за „кум“ на вештачката интелигенција (ВИ) ја напушти својата работа, предупредувајќи на зголемените опасности од развојот на оваа област. 75-годишниот Џефри Хинтон своето повлекување од „Гугл“ го објави во Њујорк Тајмс, велејќи оти сега се кае за тоа што го работел, пренесува Би-би-си.

Во изјава за Би-би-си Хинтон рекол дека некои од опасностите од четботовите со ВИ се „прилично страшни“.

„Во моментов, тие не се поинтелигентни од нас, колку што можам да забележам. Но, мислам дека наскоро може да бидат“, вели Хинтон.

Тој, заедно со уште двајца други научници се наречени „Кумови на вештачката интелигенција“ и ја освоија Туринговата награда за 2018 година за нивната работа што доведе до моменталниот бум на ВИ.

Истражувањата на д-р Хинтон за невронските мрежи и длабокото учење го отворија патот за сегашните системи за вештачка интелигенција како ChatGPT. Во ВИ, невронските мрежи се системи кои се слични на човечкиот мозок во начинот на кој учат и обработуваат информации. Тие им овозможуваат на ВИ да учат преку искуство, како што тоа го прави еден човек.

Британско-канадскиот психолог и компјутерски научник вели дека четботовите наскоро би можеле да го надминат нивото на информации со кои располага човековиот мозок.

„Со оглед на стапката на напредок, очекуваме работите да се подобрат доста брзо. Затоа, треба да се грижиме за ова“, вели Хинтон за Би-би-си.

Во написот на Њујорк Тајмс, д-р Хинтон се осврна на „лошите актери“ кои би се обиделе да ја користат вештачката интелигенција за „лоши работи“.

На прашањето на Би-би-си да го дообјасни ова, докторот одговара:

„Ова е само еден вид на најлошо, еден вид кошмарно сценарио. Можете да замислите, на пример, некој лош актер како Путин да им даде способност на роботите сами да создаваат свои цели“, вели Хинтон.

Хинтон додава и оти дошол до заклучок дека вештачката интелигенција што се развива е многу различна од интелигенцијата на луѓето.

„Ние сме биолошки системи, а тоа се дигитални системи. И сите овие копии можат да учат одделно, но веднаш да го споделат своето знаење. Значи, како да имате 10.000 луѓе и секогаш кога едно лице ќе научи нешто, секој човек автоматски да го знае тоа. На тој начин овие четботови можат да знаат многу повеќе од која било личност“, вели тој.

Според интервјуто за Њујорк Тајмс, Хинтон бил среќен со управувањето на „Гугл“ со технологијата сè додека Мајкрософт не го лансирал својот нов пребарувач Бинг засилен со ChatGPT, кој го кренал алармот кај Гугл.

Хинтон вели дека сега, таквата жестока конкуренција можеби е невозможно да се запре, што резултира со свет со толку многу лажни слики и текст, што никој повеќе нема да може да каже што е вистина.