Белгискиот олеснувач Питер ван Хојте денеска по одлуката на Советот на јавни обвинители да избере само половина од тимот што го побара специјалната обвинителка Катица Јанева, изјави дека со тоа не е испочитуван Законот за специјално обвинителство.
– Законот предвидува обвинителката да ги добие сите ресурси, финансиски и кадровски, што таа ги побара и за што таа презентираше извештај. Очигледно овој принцип напишан во законот не се почитува. Мислам дека сите треба да го почитуваат и да се држат до Договорот. Ова беше договорено во работната група. Тажно е што некои луѓе мислат дека можат да го прекршат законот што тие го донеле – рече Ван Хојте.
По одлуката на Советот, СДСМ ги напушти преговорите. Од опозицијата најавија дека во текот на утрешниот ден ќе соопштат дали планираат да се вратат на преговорите.