Советот на јавни обвинители не ѝ се извини на Ленче Ристоска за утврдената дискриминација

За случајот извести Коалицијата „Сите за правично судење“, од каде изразија сериозна загриженост, бидејќи на седницата на Советот на јавни обвинители биле искажани навредувачки зборови за Комисијата за спречување и заштита од дискриминација

Фото: Архива на Мета

Иако Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) препорача поранешниот претседател на Советот на јавни обвинители, а сега член, Антонио Јолевски да ѝ се извини на обвинителката Ленче Ристоска за дискриминација, тоа не било сторено на вчерашната седница на Советот, иако се дискутирало за таа точка.

За случајот извести Коалицијата „Сите за правично судење“, од каде изразија сериозна загриженост, бидејќи на седницата на Советот на јавни обвинители биле искажани навредувачки зборови за Комисијата за спречување и заштита од дискриминација.

„Во мислењето воедно од страна на КСЗД е дадена препорака поранешниот претседател на СЈОРСМ јавно да се извини за сторена дискриминација. Коалицијата Сите за правично судење изразува сериозна загриженост, бидејќи во овој дел на седницата, од страна на членовите на СЈОРСМ беа изнесени деградирачки и навредливи ставови и мислења за Комисијата за спречување и заштита од дискриминација. Дополнително, беше истакнато дека мислењето нема да биде земено предвид и дека истото ќе биде оспорено пред Управниот суд“, велат од Коалицијата „Сите за правично судење“.

Оттаму велат дека несогласувањата со определено мислење мора да бидат аргументирани, а не изнесувани како навреди кон субјектот кој го изнел мислењето.

„Дотолку повеќе што ваквото поведение на СЈОРСМ се има случено и неколку пати во минатото кога СЈОРСМ има изнесено вакви навреди кон граѓанскиот сектор, универзитетски професори, ДКСК и други субјекти. Воедно, СЈОРСМ мора да има предвид какво поведение е критикувано во овој случај (дискриминација врз основ на бременост) и дали истото поведение треба да се коригира, или треба да се брани како добра практика на СЈОРСМ“, сметаат од Коалицијата.

Инаку, обвинителката Ристоска првично се обрати до КСЗД со тврдење дека неправедно и без никаков основ ја прескокнува и не ја избира на огласите за унапредување, во Вишото јавно обвинителство.

Советот на обвинители ја одби Ристоска првиот пат, со образложение дека е премногу млада, иако на истиот оглас беа избрани и помлади од Ристоска. Вториот пат, пак, Јолевски во своето образложение зошто нема да избере избрана, го спомена и породилното отсуство на Ристоска. Ова, според Антидискриминаторската комисија е понижувачки и дискриминациски одговор. Исто така, комисијата смета дека дискриминација е ставот на Советот дека како обвинителка која работела во Специјалното јавно обвинителство не работела на случаи на крвни деликти или дрога, без за тоа да обезбеди извештај за нејзината работа како обвинителка.

„Кај Ленче имаме недостаток на работа по предмети во овој период, зборуваме за различни предмети со кои би се сретнала и во Вишото обвинителство. Немаме извештај за неа за последните четирите години, таа еден период е и на трудничко отсуство. Во Вишото обвинителство се бара работа по сите видови на предмети, не само на одредена категорија во одредена област. Сепак, Специјалното обвинителство не работеше кривични дела убиства, не работеше со дрога, еден куп предмети кои ги работат во Основното обвинителство, а ќе треба да одлучува и за тие предмети. Тие беа специјализирани за најтешките дела, ама најтешките дела од областа на злоупотреба“, рече тогаш Јолевски.