Photo by Dimitri Houtteman on Unsplash

Шефот на Агенцијата за лекови на САД (ФДА), Стивен Хан соопшти дека ја издале дозволата за употреба на вакцината на Бионтек и Фајзер, пренесува сервисот Дојче Веле на македонски јазик. Станува збор за првата вакција што е одобрена за користење во САД, откако истата веќе доби дозвола во Велика Британија, Канада и Мексико, јавува весникот Гардијан.

Вакцината на Бионтек и Фајзер може да им се дава на американските граѓани кои имаат над 16 години, соопштија од американската Агенција за лекови. Инаку, во САД Белата куќа и претседателот Доналд Трамп претходно извршија притисок за да се издаде итна дозвола на оваа вакцина, при што Трамп ја оквалификуваше ФДА како „голема, стара, бавна желка“.

Откако беше одобрена за користење, Трамп напиша на Твитер дека „првата вакцина ќе биде дадена за помалку од 24 часа“. Владата веќе почнала со испраќање на вакцините за населението, но Гардијан потсетува дека нејзината дистрибуција ќе остане главен логистички проблем, дури и за САД.

Сојузните држави во САД најпрво ќе добијат иницијални 2,9 милиони дози од оваа вакцина, кои ќе бидат дистрибуирани помеѓу здравствените работници и ризичната категорија на граѓани кои се наоѓаат под долготрајна нега. Неколку недели потоа, ќе биде испратена и втората доза од 2,9 милиони за истите луѓе, кои ќе бидат неопходни за да се постигне 95 процентната ефикасност на вакцината.