fbpx

Увезено, па вратено српско млеко со афлатоксин ги скара опозицијата и Агенцијата за храна

Од Агенцијата за храна и ветеринарство објаснуваат дека се врши задолжително лабораториско тестирање на присуство на афлатоксин М1 на секоја пратка со млеко и производи од млеко која се увезува во земјава, а е по потекло од Република Србија или од Босна и Херцеговина

-

ВМРО-ДПМНЕ денеска обвини дека на 21 септември во земјава биле увезени преку 20 тони српско млеко, кое било пуштено во промет, иако содржело афлатоксин М-1 над максимално дозволените граници, и со тоа е штетно за човековото здравје.

„Наодите покажуваат дека иако млекото содржи канцерогени материи ги поминало сите контроли и како такво со штетни супстанци е дозволен влез во Република Македонија“, изјави Цветан Трипуновски од ВМРО-ДПМНЕ, покажувајќи резултати од лабораторија врз основа на кои го темелат нивното тврдење.

Од опозициската партија обвинуваат дека Агенцијата за храна и ветеринарство свесно пуштаат во употреба производи со канцерогени материи.

Исто така, од ВМРО-ДПМНЕ велат дека до нив пристигнала информација оти во сурово млеко во една од поголемите млекари во Македонија детектирано е ниво на афлатоксин М1 во млекото кое ги надминува максималните нивоа дозволени согласно Правилникот за општите барања за безбедност на храната.

„АХВ и Бабовски да одговорат што е направено со таквото млеко и дали истото е веќе завршено на македонската трпеза како сурово млеко или е преработено во сирење, кој е препознатлив бренд на оваа млекара во Република Македонија“, прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од Агенцијата за храна и ветеринарство излегоа со реакција, посочувајќи дека Трипуновски повторно лажно шири паника меѓу граѓаните.

„Граѓаните да бидат спокојни, „канцерогено” млеко со афлатоксин по потекло од Србија, како што тврди Трипуновски, на полиците во маркетите нема. Денес, со согласност на извозникот, од граница тоа се враќа во Република Србија согласно законски дефинираните процедури. За да нема идни шпекулации и замајувања на јавноста, дека граѓаните во земјава пијат небезбедно млеко со афлатоксин, одговорно тврдиме дека со цел спречување на ризикот по јавното здравје, поради утврдено зголемено присуство на афлатоксин М1, на сила е Решението за безбедносни мерки при увоз на млеко, производи од млеко и храна за исхрана на животни од 1 декември минатата година“, велат од Агенцијата за храна и ветеринарство

Тие додаваат дека неосновано се шири паника и се доведуваат граѓаните во заблуда  со ваквите лиферувања на ВМРО-ДПМНЕ.

Од Агенцијата за храна и ветеринарство објаснуваат дека се врши задолжително лабораториско тестирање на присуство на афлатоксин М1 на секоја пратка со млеко и производи од млеко која се увезува во земјава, а е по потекло од Република Србија или од Босна и Херцеговина.

„Мостри се земаат на граничните премини, односно пратките не се пуштаат во промет до добивање на задоволителен резултат од тестирањата. Оттаму, небулозно е денешното тврдење дека небезбедно млеко по потекло од соседна Србија завршило на рафтовите во продавниците“, велат од Агенцијата за храна и ветеринарство.

Во однос на „веста“ на Трипуновски дека во сурово млеко во една од поголемите млекари во Македонија детектирано е ниво на афлатоксин М1 во млекото над дозволените граници, од Агенцијата за храна и ветеринарство велат дека истата е стара неколку месеци, иако и со неа денес тој се обидел да манипулира.

„Ова млеко, во согласност со операторот, уште во април годинава нештетно е уништено и не е стасано во прометот“, стои во соопштението на Агенцијата за храна и ветеринарство.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Електрификацијата на пругата кон Косово падна во заборав

Долгонајавуваната електрификација на пругата кон Косово не се случи ниту во овој мандат на Владата предводена од социјалдемократите. Веќе три години не сообраќа ниту патничкиот воз Скопје – Приштина...