fbpx

Уличните кучиња и локалните власти – многу пари за отштети на граѓани, малку активности на терен

Некои општини издвојуваат десетици илјади евра за судски трошоци и отштети. Наместо да се занимаваат со последиците, локалните власти мора поактивно и поангажирано да ги користат општинските пари и капацитети за решавање на постојниот проблем, но и за превенција, се вели во анализата на НВО Инфоцентарот, со партнерските организации

-

Бројот на бездомни кучиња во општините се зголемува, но се зголемува и бројот на каснати граѓани кои бараат отштета од надлежните институции (општините, јавните претпријатија, операторите). Некои општини издвојуваат десетици илјади евра за судски трошоци и отштети. Наместо да се занимаваат со последиците, локалните власти мора поактивно и поангажирано да ги користат општинските пари и капацитети за решавање на постојниот проблем, но и за превенција.

Ова e дел од анализата на НВО Инфоцентарот, со партнерските организации Спектар од Крива Паланка, Граѓанска иницијатива на жени од Свети Николе, Организација на жени од Струмица, Активо од Велес и Центарот на заедницата на Општина Струга, кои за периодот октомври – ноември 2023 година спровеле мониторинг на мерките и активностите што ги преземаат општините за решавање на проблемот со бездомните кучиња и нивниот хуман третман.

Во анализата се вели дека потребни се ефикасни и хумани мерки за контрола на популацијата на бездомни кучиња, кои ќе овозможат здравствена заштита и безбедност како за населението, така и за животните.

„Општините треба да вложуваат во постојани информативно-едукативни активности за подигнување на свеста кај граѓаните за одговорно сопствеништво, за важноста на регистрацијата, стерилизацијата и вакцинацијата на домашните кучиња, за ненапуштање на милениците, како и за потребата од хуман третман и вдомување на уличните кучиња. За оваа цел, нужна е засилена соработка меѓу општините, стационарите, операторите и активистите за заштита на правата на животните“, пишува во извештајот.

Мониторингот опфаќа осум општини: Куманово, Велес, Струмица, Струга, Крива Паланка, Свети Николе, Лозово и Чашка, а се однесува на периодот 2020 – 2023 година.

Струга без никакво системско решение за проблемот со бездомните кучиња

Во последните неколку години бројот на бездомни кучиња во општина Струга постојано се зголемува, а се зголемува и бројот на нападнати и каснати граѓани. Ваквата алармантна состојба резултира со нарушена безбедност на жителите на општината кои сметаат дека справувањето со бездомните кучиња и нивниот хуман третман е еден од најголемите локални приоритети, се вели во анализата.

„Локалната власт нема никакво системско решение за овој проблем. Општината нема проактивен однос, а потврда за ова е фактот дека таа нема донесено ниту програма за контрола на популацијата на бездомните кучиња, што е нејзина законска обврска. Локалната власт истакнува дека за решавање на овој проблем потребни се многу средства кои општината ги нема, како што нема ниту соодветни капацитети и смета дека овој проблем треба да го решава централната власт. Во почетокот на 2023 година, општината подготвила проектно решение за изградба на стационар за згрижување на кучињата и побарала помош од Владата за негова изградба“, пишува во извештајот.

Како ад-хок решение, општината од буџетот за 2023 година, за првпат доделила финансиски средства во износ од 600.000 денари, од програмата за животна средина и склучила договор со ветеринарна компанија за згрижување на бездомните кучиња. Договорот е со траење од една година од денот на потпишување, односно до февруари 2024 година.

Единечната цена за заловување и чување на регистрираните и нерегистрираните кучиња со ДДВ од ден е 295 денари. Иако не постои регистар за бројот на бездомни кучиња, компанијата ѝ рапортира на општината секој месец за бројот на заловени, вакцинирани и згрижени улични кучиња.

Според извештајот за февруари 2023 година, економскиот оператор задолжен за заловување на кучињата, веднаш по склучување на договорот на централното подрачје на општина Струга заловил 13 нерегистрирани кучиња, кои биле трансферирани во прифатилиште и по добиениот третман биле регистрирани, чипирани и вратени на улица. Во записниците од март годинава, се наведува дека екипата на економскиот оператор заловила 22 нерегистрирани кучиња кои се однесени во прифатилиште за натамошен третман.

„Според податоците кои ги добивме од Основен Суд – Струга, за периодот кој го истражуваме донесени се вкупно 12 пресуди за каснување и напад од куче, од кои 7 се против јавното претпријатие „Комунално Струга“, а 5 се против општина Струга и јавното претпријатие Комунално Струга“, стои во наодите од извештајот.

Куманово за 4,5 години платило 36 илјади евра за каснување од кучиња

Во Општина Куманово, ако се суди според сумите издвоени за отштета на граѓани каснати од кучиња, може да се констатира дека постојат сериозни проблеми. Па така, општината за 4,5 години исплатила близу 36 илјади евра за штети предизвикани од каснување на кучиња.

Во градот постои прифатилиште одобрено од Агенцијата за храна и ветеринарство, но нема стационар, а општината не спроведува кампањи за вдомување, ниту пак тоа го планира со активностите од новоизработената програма за решавање на проблемот со бездомните кучиња за 2023 – 2025 година. Предвидена е само едукација на јавноста преку радио и ТВ емисии.

„Најмногу зачудува тоа што Куманово, како најголема општина во државава, не изготвувала посебни програми за решавање на проблемот со бездомните кучиња за периодот од 2019 до 2022 година. Следствено на тоа, како што ни беше одговорено на нашето барање информации од јавен карактер, не се изработувани ниту извештаи кои треба да се усвојат од страна на советот на општината“, се вели во извештајот.

Како економски оператор за заловување на бездомните кучиња, во мониторираниот период, се јавува А.Д. Ветеринарно сточарскиот центар „Тодор Велков“ од Куманово. Вредноста на набавката е под еден милион денари во 2019 и 2020 година, додека од 2021 до 2023 изнесува 1.271.200 денари.

Забележителен е голем раст на вкупната единечна цена на услугата, која од 2.371 денари со ДДВ во 2019 година, се зголемува на 11.800 веќе наредната 2020 година. Во следните години, цената се движи главно во овие рамки. Во однос на единечниот третман, најскапа е услугата за стерилизација на женски кучиња, која се движи од 2.800 до 3.300 денари со ДДВ, освен во 2019 година кога цената била иста со стерилизацијата на машки кучиња и многу поефтина, односно чинела само 437 денари.

Во периодот од 2019 до 2023 година (заклучно со мај), според судски решенија, Општина Куманово им исплатила за каснување од куче на оштетени граѓани околу 2,2 милиони денари или близу 36.000 евра. Најмногу средства, околу 1,1 милион денари (близу 18.000 евра) се исплатени во 2022 година. Највисоката исплатена сума изнесува 215.000, со камата која е исплатена во 2021 година.

Во мал број случаи граѓаните добиеле отштета од околу 100 евра, додека останатите во просек земале од 1.000 до 1.500 евра.

Во Крива Паланка во 2023 заловени се само 5 бездомни кучиња

Во Крива Паланка, според извештајот, за периодот 2019 – 2022 година реализиран е речиси целиот буџет, односно од предвидените 1.570.000 денари, општината платила вкупно 1.545.971 денари за извршените услуги за заловување и третман на бездомните кучиња. Извршител на услугата е АД Ветеринарно сточарски центар „Тодор Велков“ од Куманово, кој во најголем број случаи се јавува како единствен понудувач или има најповолна/најевтина понуда.

Од година во година, буџетските средства се зголемуваат, па така од 250.000 денари во 2019 година, планираните средства за заловување и третирање на бездомни кучиња нараснале на 720.000 денари во 2023 година.

„Податоците покажуваат дека со текот на годините, расте и понудената цена на услугата за заловување и третман на кучињата, а интересно е што има и флуктуација на цената за многу краток временски период. Понудената цена се движи од 7.150 во 2019 година, па се до последната од 8.605 денари во март 2023 година“, пишува во извештајот.

Паралелно со зголемување на средствата евидентно е дека општината го зголемува и бројот на планирани заловувања нa бездомните кучиња. Од само 35 заловувања во 2019 година, во 2023 година планирано е да се заловат 120 кучиња, што покажува дека нивниот број од година в година се зголемува. Во периодот од 2019 до мај 2023 година, реализирани се вкупно 34 акции за заловување и третман на бездомните кучиња. Најмногу акции, вкупно 13, се спроведени во 2022 година, додека годинава, заклучно со 31 мај спроведена е само една акција во која се заловени 5 бездомни кучиња, пишува во анализата.

Во Вардарскиот плански регион предвидено е до крајот на 2024 година да се изгради регионален центар за згрижување бездомни миленици и ветеринарно здравство, кој ќе биде стациониран во Кавадарци. Проектот ќе се реализира преку Вардарскиот плански регион (ВПР), Министерството за локална самоуправа и Швајцарската агенција за поддршка и развој.

Во процес е формирање на јавно претпријатие чии основачи ќе бидат деветте општини од ВПР. Финансиската одржливост на ова јавно претпријатие ќе биде обезбедена преку општините кои ќе ги финансираат идните оперативни трошоци на претпријатието сразмерно со бројот на жители на секоја од деветте општини во регионот.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Поминаа 23 години од масакрот кај Вејце

Денеска се навршуваат 23 години од масакрот кај Вејце, кога во 2001 година, од заседа беа убиени и масакрирани осум припадници на посебната единица при СВР Битола и припадници...