fbpx

Контраспин: Спинувањето околу ЕУ стана константа на македонската политичка сцена

Значи, сосема јасно ѝ е на македонската јавност дека почитувањата на договорите со Грција и со Бугарија се услов за приближување и полноправно членство на земјата во ЕУ. Оттука, Мицкоски спинува кога вели дека тројцата споменати политичари на власт ја лажеле јавноста оти само уставните промени се пречката и дека на патот не биле можни други пречки

-

Двете главни политички партии во македонскиот блок, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ не престануваат со спинување и сервирање полуинформации околу ЕУ перспективите на С. Македонија, особено по минатонеделните(14 и 15.12) заклучоци на Советот на ЕУ. Двата најнови спина се однесуваат на ЕУ перспективите на земјава доколку дојде ВМРО-ДПМНЕ на власт и што значела изјавата на шефицата на бугарската дипломатија, Марија Габриел, за обврските на земјава доколку сака да стане членка на ЕУ, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

 

 

Првиот спин го бележиме од страна на пратеникот и портпарол на СДСМ, Дарко Каевски, во врска со интервјуто на Мицкоски за 360 Степени емитувано на 18.12.2023 на МРТ.

Спин: Јавно, во интервју за “360 степени“ Христијан Мицкоски потврди дека неговата ДПМНЕ сака целосна блокада на евро-интегративниот процес на земјата.

Прашан за противењето на ДПМНЕ за гласањето на уставните измени и дека тоа може да значи нови 10 години блокада на пристапот кон ЕУ Мицкоски рече, цитирам:

може да бидат и сто години“ и додаде „а можеби и никогаш да не биде“.

Признанието на Мицкоски е јасна потврда, со ДПМНЕ и Левица нема членство во ЕУ, нема напредок, нема иднина.

[Извор: СДСМ – Д. Каевски/прес, датум: 19.12.2023]

 

Контраспин: Дарко Каевски, следејќи го партискиот став изразен преку соопштение емитувано околу половина час пред неговата прес конференција (времињата се земени од сајтот на СДСМ), ја изврте вистинита, кажувајќи полувистина, т.е. испуштајќи уште еден елемент од целосниот исказ на Мицкоски во интервјуто.

Каевски вели дека на прашањето околу противењето на ВМРО-ДПМНЕ за уставните измени и дали тоа би значело нова 10-годишна блокада, Мицкоски рекол: „може да бидат и сто години“ и додаде „а можеби и никогаш да не биде“.

Но, целосниот одговор на Мицкоски на прашањето, „Тоа може да бидат нови десет години „ништо“ во пристапниот процес со ЕУ?“, гласи:

Не, тоа може и сто години да биде и никогаш да не биде, а може да биде и за четири години. Видовме сега на последниот Европскиот совет дека ако се има политичка волја, многу работи можат да бидат поразлични, но претпоставувам за тоа ќе ни треба уште една емисија.

На дополнителното прашање дека претендира ВМРО-ДПМНЕ да дојде на власт и дека веројатно е важно јавноста да знае „што нè очекува во пристапниот процес“, Мицкоски одговара без да се одреди фиксно: Па, ќе видиме ВМРО-ДПМНЕ што ќе поддржува, како ќе поддржува, за што ќе се избори, која политика ќе ја води. 

Според тоа, судејќи според првиот одговор, Мицкоски не ја исклучува шансата С. Македонија да биде членка на ЕУ и за четири години (дел од реченицата што Каевски „ја исече“ на прес конференцијата), а запрашан за прецизирање за ЕУ пристапниот процес, Мицкоски не сакаше да биде дециден, зборувајќи претходно дека отпочнувањето преговори за Украина значи политичка одлука на ЕУ и дека околу С. Македонија по 23 годишен процес „сме направиле многу повеќе отколку сите заедно нови членки на ЕУ“.

Поради овие аргументи може да се оцени дека делот од пресот на Каевски за ова прашање е спин.

 

Габриел зборуваше за севкупниот пристапен процес во ЕУ, кој не бил криен од македонската јавност

Вториот спин е од страна на ВМРО-ДПМНЕ и го изговори лидерот Х. Мицкоски, толкувајќи ги зборовите на шефицата на бугарската дипломатија, Марија Габриел, околу обврските за С. Македонија доколку сака да пристапи кон европското семејство:

Спин: Марија Габриел им ја плесна вистината во очи, тоа е вистината што јас и ВМРО-ДПМНЕ ја зборуваме една и пол година. На јавна сцена се виде дека Маричиќ, Зечевиќ, Ковачевски, Ахмети, Османи и Груби го лажат народот во Македонија дека ова е последната пречка, не е последната, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, при посетата на Свети Николе, одговарајќи на новинарско прашање во однос на изјавата на бугарската вицепремиерка и министерка за надворешни работи, Марија Габриел, дека уставните измени не се единствен услов…

[Извор: Макфакс – Х. Мицкоски/изјава, датум: 19.12.2023]

 

Контарспин: Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, спинува околу пристапниот процес на земјава, користејќи ги зборовите на бугарската вицепремиерка и шефица на дипломатијата, Марија Габриел, за тоа што ја очекува С. Македонија на патот во ЕУ доколку сака да стане полноправна членка.

За потсетување, Габриел зборувајќи во бугарскиот парламент и одговарајќи на прашање на пратеник изјави меѓу другото, не се само уставните измени, туку и Договорот за добрососедство и двата Протокола. Ние имаме три заемно сврзани инструменти, кои се дел од таканаречниот компромис од јули 2022 година, Уште повеќе, пак, ние имаме и многу јасна позиција на Народното Собрание“.

Но, ова е само дел од одговорот на прашњето за севкупниот пристапен процес на С. Македонија за полноправно членство во ЕУ, при што, Габриел потсети за обврската за почитување на Договорот за соработка, пријателство и добрососедство, кој што, исто како и Преспанскиот договор се набележани во воведот на Преговрачаката рамка на С. Македонија со ЕУ, а на почитувањето на двата договора беше потсетено и на минатонеделниот самит ЕУ-Западен Балкан, во заеднички усвоената политичка Декларација во точка 6..:

…Важно останува билатералните договори, меѓу кои Преспанскиот договор со Грција и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија, да се спроведуваат со добра волја и видливи резултати…

Мицкоски сега спинува дека актуелните водечки функционери што ја потпишаа Преговарачката рамка велат дека немало други пречки освен уставните измени. Но, вистината е дека речиси во сите изјави од премиерот Димитар Ковачевски и Бојан Маричиќ, па и во повеќето од шефот на дипломатијата Бујар Османи, тие зборуваат за условот за започнување на преговори, отворање на кластерите со втората меѓувладина конференција ЕУ-СМК, а тоа се единствено уставните измени за влез на бугарското и други малцинства во Уставот. Тоа може да се види дури и од линковите и содржината на изјавите на Ковачевски во текот на вчерашниот ден (18.12), како и од изјавите на Маричиќ, исто така, во текот на вчерашниот ден.

Значи, сосема јасно ѝ е на македонската јавност дека почитувањата на договорите со Грција и со Бугарија се услов за приближување и полноправно членство на земјата во ЕУ. Оттука, Мицкоски спинува кога вели дека тројцата споменати политичари на власт ја лажеле јавноста оти само уставните промени се пречката и дека на патот не биле можни други пречки. Многу пати е кажано дека во текот на преговорите, па и дури и на крајот пред нивното завршување секоја земја членка, вклучувајќи ја и Бугарија, може да стави блокада во сегашниот контекст на одлучување внатре во ЕУ каде што сè уште се бара едногласност за повеќето одлуки, вклучувајќи го и проширувањето.

Пишува: Теофил Блажевски

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Може да се раскине кој било договор, прашање е цената

Ванковска делумно точно оценила дека раскинувањето на договорите со Бугарија и Грција „е лесно“ и „малку потешко“. Но, нејзината проценка колку лесно или колку тешко се раскинуваат билатералните и...