Хана Корнети: Инспирацијата е само кратка искра – потоа треба да се одржува огнот

Во интервјуто за Мета.мк, Хана Корнети на младите кои сакаат да пишуваат им препорачува „да го загреат столчето“, да читаат и да пишуваат многу но да не се истрчуваат со објавување

Хана Корнети, автор на збирка раскази и роман-фантастика за деца, во интервју за новинската агенција Мета.мк вели дека хуморот дава ефект во едно книжевно дело кој го прави да е читливо и забавно. Но, со него, како што додава, посериозните, потешки работи имаат понагласен ефект. Оваа сабота (23 декември) Корнети го промовира својот нов роман „Илина и шумските тролови“.

Што ве наведе да пишувате фантастика за деца? Кои писатели и книги ве инспирирале?

Како дете многу читав, особено фантастика. Но освен кога бев дете, немав намера да пишувам фантастика – впрочем, пишувањето фантастика ми делуваше како предизвик на кој не би се нафатила откако „пораснав“ бидејќи е доста комплицирано да се изгради магиски систем и свет без многу дупки во логика, што го нарушуват навлегувањето во приказната за читателите. Со „Илина“, бидејќи е урбана, а не епска фантазија, некако се снајдов – барем за сега.

Дела во овој жанр кои сум ги читала како дете се книгите на Толкин, во помала доза Луис, Роулинг (едвај чекав да излезе нова „Хари Потер“ и да ја проголтам во ден и пол, па после да ја препрочитувам), Тери Пречет кој го открив на постари години и апсолутно го обожавам, Нил Гејман, а и некои дела на Астрид Линдгрен може да се категоризираат како фантастика. Руски бајки исто читавме со баба ми, каде има многу фантазија и магија.

Инаку ми текнува и на една книга како мала што ја читав од македонската авторка Славка Манева – „Седмичка малата вештерка“. Иако вештерките тука беа „лоши“, ја сакав книгата – а и ми беше забавно да читам сè со вештерки.

Во вашето творештво употребата на хуморот е значителен фактор за делата да бидат забавни, како на пример во реалистичните раскази во книгата „Млечни Заби“, која е наменета за возрасни. Исто така, продирате во светот на детска фантастика со особен сензибилитет кон идната публика и повторна употреба на вашиот препознатлив хумор. Колку хумор практикувате во секојдневието?

Се трудам, ама со помалку успех отколку во книжевна форма. Како што често тврдам, подобра сум „на хартија“. А во книжевноста, сметам дека хуморот е многу важен. И за делото да е читливо и забавно, и за посериозните, потешки работи да имаат понагласен ефект. Затоа и сметам дека Тери Пречет е генијален – на секоја страница се газам од смеење, но кога сака да те пресече со нешто болно, тажно, ранливо, и тоа како сече.

Велите дека за вас „најголемото делење љубов е пишувањето“- што е прекрасна мисла сама по себе. Исто така демистифицирате т.н. „табу теми“, силно промовирате еднаквост и сте против дискриминација по било која основа. Кои совети би им ги дале на младите со афинитет кон пишувањето? Дали препорачувате читање книги надвор од комфор-зоната за пошироко сфаќање за светот и реалноста во кои живееме и развивање на критичко размислување?

Како што во музиката има квалитетни дела во сите жанрови, така и во книжевноста. Секако дека треба да се читаат разни жанрови. Човек може секогаш пријатно да се изненади.

На млади што имаат афинитет кон пишувањето би им препорачала да го загреат столчето. Да читаат многу и да пишуваат многу. Да се отворени кон критика и способни за самокритика. Да не истрчуваат со објавување на било што. Да се навраќаат на текстовите и да ги подобруваат. Да читаат за техники на пишување. Има интересен текст на Едгар Алан По за како го напишал „Гавранот“ што убаво го демистифицира процесот на пишување како некаков „транс“ во кој те води некаква „муза“. Инспирацијата е само кратка искра – потоа треба да се одржува огнот, да му се додадаваат дрва, и така натаму. Има и супер есеи на Чак Паланик за техники на пишување кои ги препорачувам.

„Илина и шумските тролови“ ќе се промовира оваа сабота,23 декември, во „Вудсток“ во Скопје. Како балансирате книгата да е забавна и за деца и за возрасни?

Мислам дека ако книгата е забавна за деца, тоа ќе биде затоа што и јас сум дете. Ние „возрасните“ впрочем сме најчесто деца што играат возрасни. Битно ми беше младите читатели да се третираат со почитта која ја заслужуваат. Умни се, разбираат. Не треба некоја упростена верзија на светот и зборовите за нешто да им стане јасно.

Тие до сега што ја прочитаа „Илина“ беа повозрасни и книгата – ми кажуваат – им е забавна, им се допаѓа. Така што верувам дека и големите и малите ќе можат да уживаат во овој роман.

Во делото Bad Gardeners & Good Weeds – A Guide (2023, Private Print) ја дискутирате важноста на општествената градина Бостание. Би сакале ли да ни го објасните накратко концептот со градината како вид на суптилен активизам и главните пораки што се пренесуваат во овој дискурс?

„Bad Gardeners & Good Weeds“ е нефикција на која работевме заедно со Ивана Чалоска и Димитар Самарџиев. На почетокот, општествената градина како проект била финансиски поддржана од град Скопје, но е издигната и „носена“ најмногу од членовите на Зелената Арка (граѓанско здружение за пермакултура), конкретно Димитар Самарџиев, Александар Николовски и Александар Сандревски, како и совесни, одговорни градинари кои од идеолошки и практични причини посветуваат време и ресурси да ги одгледуваат сопствените леи и заедничкиот простор. Градината е сега самофинансирана од градинарите.

Јас имав парцела но бев „лош“, недоволно одговорен градинар, за тоа и пишувам – а сепак многу ми е драга градината и многу ги ценам луѓето кои овозможија таа да постои и опстои. Од мојата гледна точка како „турист“, градината е прекрасен локален начин да се преиспитаат приоритетите и да се пркоси на апатијата преку делување. Името тоа и значи – „Бостание“ – востание преку „бостанот“. Градината е апсолутно бунт против секојдневието доминирано од политчки небулози и повик кон други приоритети, друг начин на живот и друга перцепција, која не е конзумеристичка и антропоцентрична. Се надевам дека во иднина ќе имаме уште повеќе такви општествени градини, и во Скопје и во други градови низ Македонија.