fbpx

Тврдењето дека Русија не води геноцидна војна во Украина е лажно

Тврдењето дека Русија не води геноцидна војна во Украина е неточно, имајќи предвид дека Меѓународниот кривичен суд го гони Путин за геноцид поради нелегалниот трансфер на украински деца во Русија, пишува Вистиномер

-

Тврдењето дека Русија не води геноцидна војна во Украина е неточно, имајќи предвид дека Меѓународниот кривичен суд го гони Путин за геноцид поради нелегалниот трансфер на украински деца во Русија, а декларации со кои ваквите постапки на Русија се оценуваат како геноцид усвоија и Парламентарното собрание на НАТО, Парламентарното собрание на Советот на Европа и Сенатот на САД, пишува Вистиномер во својата анализа. 

Текстот го пренесуваме во целост:

 

Анализираме објава на Фејсбук која прави споредба меѓу војната во Украина и Газа, притоа тврдејќи дека Русија не може да се обвини за геноцид.

Бројот на загинати деца во Газа сега го надминува оној од целата војна во Украина. 1 недела наспроти 19 месеци.
Обвинението дека Русија води дури и неселективна, уште помалку „геноцидна“ војна против Украина е монструозна лага, стои во објавата.

На почетокот објавата наведува дека бројот на загинати деца во Газа за една недела го надминува бројот на загинати деца во Украина за 19 месеци, откако почна руската инвазија. Доколку се погледнат официјалните бројки, може да се каже дека ова тврдење е точно.

Непримерни пребрoјувања и несоодветни споредби

Така, бројот на Палестинци убиени во масовен израелски воздушен напад врз Појасот Газа се искачи на 2.215, соопшти на 14 октомври Министерството за здравство на Газа. Во соопштението на Министерството, кое го пренесува агенцијата Анадолија, се наведува дека меѓу загинатите во израелските напади има 724 деца и 458 жени. Министерството исто така соопшти дека бројот на ранети се искачи на 8.714, од кои 2.450 деца и 1.536 жени.

Што се однесува до бројот на загинати деца во Украина, мисијата на Обединетите нации (ОН) во јуни 2023 година соопшти дека од почетокот на конфликтот загинале вкупно 535 деца, а 1.047 се повредени.

Во август 2023 година, Релиф веб, повикувајќи се на податоци од ОН, објави дека во Украина, од почетокот на руската инвазија, загинале вкупно 545 деца.

Месецот јуни годинава беше најсмртоносен за децата со 11 загинати и 43 повредени. Според проверените податоци на ОН, имало зголемување на сите цивилни жртви во Украина во периодот помеѓу 1 мај и 13 август, при што јуни забележал најголем број на вкупни цивилни жртви во 2023 година со 865, пишува Релиф веб.

Овој сегмент од објавата е точен на ниво на бројки, иако вакви споредби се, во најмала рака, несоодветни. Војната во Украина е комплетно различна од судирот меѓу Израел и Хамас. Во првиот случај станува збор за дефинирана линија на фронтот, за огромна територија на која лежи нападнатата држава, за големи растојанија кои евентуалните проектили или борбени авиони би требало да ги поминат пред да стигнат до цивилни жртви и тоа особено до деца кои први биваат заштитени од било каква опасност (иако не е дека Русија не се обидува, а често и успева, да предизвика цивилни жртви, за што пишувавме овде), за постоење на ефикасен систем за предупредување од воздушни напади, како и за постоење на доволно време за засолнување на цивилите, за ефикасен систем на против-воздушна одбрана, кој во некои свои делови (неретко лоцирани во најгусто населените места) се донирани или продадени од западните развиени земји и претставуваат последен збор на технологијата.

Од друга страна, пак, во Газа нема ништо од ова. Израелските борбени авиони можат да го бомбардираат ова мало парче земја 40 на 10 километри (колку пошироката територија на Скопје) комплетно неказнето и без никаква закана, и тоа сиромашно парче земја, кое е едно од најгусто населените во светот, со 2,3 милиони жители и во кое нема никакви засолништа, ниту, пак, систем на дојавување на воздушни напади. Да не говориме за фактот што милитантите на Хамас се кријат меѓу цивилното население, што не е случај со украинските вооружени сили, кои се распоредени на над 1.200 километри дефинираната линија на фронотот. Токму заради овие и редица други причини, бројот не само на загинати деца, туку и на цивилни жртви севкупно е повисок во Газа отколку во Украина.

 

Геноцидна војна или не

Што се однесува до тврдењето во објавата дека Русија не води геноцидна војна во Украина, истото може да се отфрли како неточно, бидејќи повеќе релевантни меѓународни институции ја обвинија Русија за геноцид, алудирајќи на киднапирањето украински деца и нивниот присилен трансфер во Русија.

Поврзано со тоа, Судскиот совет на Меѓународниот кривичен суд издаде наредба за апсење на претседателот на Руската Федерација, Владимир Путин и Марија Лавова-Белова, комесар за правата на децата во Канцеларијата на претседателот на Руската Федерација, објави Судот.

Налогот за апсење на Путин е издаден поради неговата одговорност за воено злосторство илегална депортација на деца и незаконско преселување на деца од окупираните територии на Украина во Русија.

И руската комесарка за правата на децата, Лавова-Белова, се товари за воено злосторство илегална депортација на деца и незаконско преселување на деца од окупираните територии на Украина до Руската Федерација.

Како што Вистиномер веќе објави, се работи за 16.221 украински деца, кои биле насилно однесени во Русија. Истражната комисија на ОН за Украина објави дека има докази за нелегално префрлање на стотици украински деца во Русија. Извештајот на Комисијата е категоричен дека Русија извршила и други воени злосторства во Украина, како напади врз болници, тортура, силување и намерно убиство.

 

Парламентарното собрание на НАТО ги означи активностите на Русија во Украина како потенцијален геноцид

Парламентарното собрание на НАТО во мај 2023 година усвои декларација во која се наведува дека руската присилна депортација на деца од окупираните региони на Украина потенцијално претставува геноцид.

Во резолуцијата во точка 14 конкретно се споменува обвинението дека руските власти насилно превезувале украински деца во Русија по руската инвазија во 2022 година и забележува дека:

Присилното префрлање на деца од една група во друга група, со намера целосно или делумно да се уништи национална, етничка, расна или религиозна група, е чин на геноцид според Конвенцијата на ОН за Спречување и казнување на злосторството геноцид од 1948 година.

Декларацијата реши „да се повика на одговорност рускиот режим, неговите соагресори во белорускиот режим и сите други сторители, вклучително и за злосторството на агресија, воени злосторства, злосторства против човештвото и можни акти на геноцид извршени во Украина“.

Собранието, исто така, ја поздравува „историската одлука на Меѓународниот кривичен суд да издаде налог за апсење на Владимир Путин“.

 

Советот на Европа: Присилното носење украински деца во Русија е геноцид

Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ) во април 2023 година побара безбедно враќање на украинските деца насилно префрлени во Русија или на територијата што таа привремено ја окупира, како и казнување на оние што го извршиле тоа на сите нивоа – посочувајќи дека документираните докази за оваа практика се совпаѓа со меѓународната дефиниција за геноцид.

Во резолуцијата заснована на извештајот на Пауло Писко (Португалија, СПЦ), Собранието наведува дека има докази дека депортираните деца се соочиле со процес на „русификација“ преку превоспитување на руски јазик, култура и историја, наведувајќи примери на деца на кои им е забрането да зборуваат украински, кои биле изложени на пропаганда и посети на „патриотски“ локации или воена обука.

Овие трансфери на украински деца беа „јасно планирани и организирани на систематски начин“ како државна политика, посочува ПССЕ, и имаа одвратна цел „да ја уништат секоја врска и карактеристика на нивниот украински идентитет“.

САД донесе резолуција според која дејствата на Русија во Украина се признаваат за геноцид

Комитетот за меѓународни односи на американскиот Сенат во декември 2022 година усвои резолуција со која ги признава акциите на Русите во Украина како геноцид.

Злосторствата извршени против украинскиот народ за време на незаконската и неиспровоцирана војна на Путин прекршуваат безброј меѓународни конвенции и можат да се опишат само како геноцид, рече американскиот сенатор Бен Кардин.

Резолуцијата исто така поддржува „формирање трибунали и спроведување меѓународни кривични истраги за да се повикаат на одговорност руските политички лидери и војници за агресивната војна, воените злосторства, злосторствата против човечноста и геноцид“. 

Претходно, во април 2022 година, американскиот претседател Џо Бајден ја обвини Русија за геноцид во Украина и го обвини Владимир Путин дека се обидува да ја искорени идејата да се биде Украинец.

Да, ја нареков војната геноцид. Станува сè појасно и појасно дека Путин се обидува да ја искорени и самата идеја да се биде Украинец, кажа Бајден пред враќањето во Вашингтон.

Претходно, на настан во Ајова, тој кажа дека мисли дека Путин спроведува геноцид во Украина, без да изнесе детали.

Така што, во однос на тврдењето дека Русија не води геноцидна војна во Украина, истото може да се отфрли како невистинито, имајќи предвид дека Меѓународниот кривичен суд го гони Путин за геноцид поради нелегалниот трансфер на украински деца во Русија, а декларации со кои ваквите постапки на Русија се оценуваат како геноцид усвоија и Парламентарното собрание на НАТО, Парламентарното собрание на Советот на Европа и Сенатот на САД. Поради тоа, објавата ја оценуваме како делумно неточна.

hubmk

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Вучиќ кон Пикси откако автобусот се заглави во песок: „Тешки сме Драгане“

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ изјави дека е договорено финалето на Лигата на Европа на УЕФА во 2028 година да се игра на Националниот стадион во Сурчин. Вучиќ на...