Дезинформациите во здравството можат да нè чинат животи, вакцините се најдобра заштита од заразни болести

Три болести му се закануваат на европскиот континент, а тоа се пертусис, дифтерија и морбили. Дали ќе имаме случаи, зависи од степенот на вакцинација и од свесноста на родителите за неопходноста од вакцинација на нивните деца. Да не дозволиме да учиме повторно на потешкиот начин, вели д-р Мехмедовиќ

Фото: УНИЦЕФ

Лажни вести и дезинформации има во секој сегмент од општеството, но дезинформациите кога е во прашање здравството можат да бидат опасни по живот. Оттаму, неопходно е да се подигне нивото на здравствена едукација кај популацијата и да се знае дека многу болести се превенираат токму поради вакцинацијата.

Ова се заклучоците од денешниот брифинг со новинарите на тема „Редовна вакцинација на децата – факти и дезинформации“, на кој зборуваа Патриција ДиЏовани, претставничката на УНИЦЕФ, д-р спец. Злате Мехмедовиќ, портпарол на Комисија за заразни болести, проф. д-р Александра Грозданова, претседателка на Комисија за имунизација и Бојан Кордалов, виш комуникациски специјалист.

„Болестите се ставени под контрола благодарение на вакцинацијата. Кон крајот на 2018, односно почетокот на 2019 година, имавме епидемија на морбили. Тогаш опфатот на вакцинација падна на 74 проценти и беше прашање на време кога ќе се појави болеста. Имавме четири смртни случаи и 1.900 заболени. Таа година сме дале 41.623 дози вакцини на деца до 14 години. Ако имаше поврзаност вакцината со аутизам, ќе детектиравме случај. Така што таа вакцина е сосема безбедна“, рече проф. Грозданова.

Таа потенцира дека кај нас нема класични антиваксери, туку збунети родители на кои им недостигаат информации. Грозданова потсети дека сите информации поврзани со имунизацијата, ги има на веб-страницата e-zdravstvo.mk.

„Сите информации кои се предмет на шпекулации ги има на овој портал. Вакцинацијата е најстарата медицинска интервенција. Ние на пример, имаме кај нас полио, но имаме добар опфат на вакцинација. Ако се намали опфатот, болеста се појавува“, појасни професорката.

Таа исто така наведе и дека кога треба да се патува на пример, на Малдиви, нема дискусии за квалитетот на вакцината за жолта треска, или пак, кога треба наши студенти да заминат во земји кои налагаат задолжителна имунизација со одредени вакцини.

Професорката вели дека не залудно постои календарот за имунизација и дека секоја доза вакцина треба да се прими во точно определената возраст, без одложувања поради различни причини.

Претставничката на УНИЦЕФ, ДиЏовани, вели дека благодарение на вакцините, сериозните болести денеска не се закана.

Фото: УНИЦЕФ

 

„Но, тие сепак постојат. Во други земји сум видела луѓе како страдаат од болести кои можеле да се спречат со вакцинацијата. Оваа земја има многу добра традиција кога станува збор за детската имунизација, но сепак, инфодемијата ги одвраќа родителите од вакцинирањето на своите деца“, рече ДиЏовани.

Д-р Мехмедовиќ, пак, информираше дека во државата, не постои ниедна вакцина која има опфат помал од 50 проценти.

„Тоа е така бидејќи популацијата е свесна за придобивките од вакцинацијата. Имаме региони и градови во кои опфатот е над 90 отсто. Аутистичниот спектар кај деца не е поврзан со ММР вакцината, имаме наука која стои зад ова. Исто е и со тврдењето дека вакцината за ХПВ предизвикува стерилитет. Немаме ниту еден таков евидентиран случај“, рече Мехмедовиќ.

Тој кажа дека три болести му се закануваат на европскиот континент, а тоа се пертусис, дифтерија и морбили.

„Дали ќе имаме случаи, зависи од степенот на вакцинација, од свесноста на родителите за неопходноста од вакцинација на нивните деца. Да не заборавиме дека во минатото имавме смртни случаи, да не дозволиме да учиме повторно на потешкиот начин“, нагласи Мехмедовиќ.

Потенцираше и дека со вакцините, популацијата се штити од тешки форми на болестите и смрт.

Комуникологот Кордалов ја нагласи штетноста од дезинформациите поврзани со вакцинацијата и рече дека недовербата на луѓето во докторите може да предизвика тие да престанат да одат на лекар или да престанат да ја пијат пропишаната терапија.

„Научната вистина е една, искреирана е врз основа на фактите. Затоа неопходно е да се водиме од науката“, кажа Кордалов.

Настанот беше организиран од страна на Метаморфозис Фондација за интернет и општество, како дел од проектот Превенција и одговор на ковид-19 во Северна Македонија, финансиран од американскиот народ преку Агенцијата за меѓународен развој на САД (УСАИД) и поддржан од Детскиот фонд при Обединетите нации (УНИЦЕФ) во соработка со Министерството за здравство на Република Северна Македонија.