fbpx

Ципрас сака, Каменос нејќе да има „Македонија“ во името

-

Независни Грци ги отворија картите за спорот за името. Лидерот Панос Каменос, коалицискиот партнер на премиерот Алексис Ципрас во новата грчка влада, отворено изјави дека не се согласува со Ципрас и со СИРИЗА околу спорот за името. Во интервју за грчката телевизија „Мега“, тој јасно истакна дека доколку некогаш дојде до решение, Независни Грци нема да поддржат име што ќе го содржи терминот „Македонија“ и ќе гласаат против тоа.

Каменос подвлече дека за нив е црвена линија ставот да не дозволат во името на нашата земја да се содржи терминот „Македонија“.

– Да ви кажам за нешто со кое не се согласувам со Ципрас од неговите изјави при претставување на програмата на владата и тоа за нас е црвена линија. Тоа е спорот за името на Македонија. Ципрас зборуваше за сложено име со географска одредница. Ние со ова не се согласуваме. Се имаме обврзано кон грчкиот народ и нема да прифатиме, ниту да гласаме за сложено име со географска одредница кое би го содржело името „Македонија“ – истакна Каменос во интервјуто за телевизијата „Мега“.

Еден ден претходно, премиерот Ципрас, при претставување на програмата на владата, беше дециден дека е неопходно да се најде решение за спорот за името во Обединетите нации. Црвената линија на неговата влада, односно на министрите од СИРИЗА во владата, останува на иста бранова должина како и позициите на досегашните влади, односно барање за сложено име со географска одредница за севкупна употреба.

По изјавите на Каменос, кои се целосно спротивни од ставот на Ципрас, станува јасно дека во владата ќе постои отворен раздор за ова прашање.

 

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.