fbpx

Варуфакис пред Еврогрупата, Грците на плоштади за поддршка

-

Грција утре официјално ќе седне на жешкото столче пред Еврогрупата за да побара драстична промена на програмата за економско закрепнување. Министерот за финансии, Јанис Варуфакис, заминува во Брисел со јасна порака од премиерот Алексис Ципрас дека Грција нема да прифати продолжување на програмата-меморандум за штедење, кој опфаќа стоги мерки за штедење, отпуштања, приватизација на државни компании, високи даноци, намалувања на плати и на пензии.

Варуфакис на вонредниот состанок на Еврогрупата ќе ја претстави предлог-програмата на грчката влада, позната како „програма-мост“, со која владата на Ципрас нуди идеи за економско закрепнување и за драстична промена на досегашниот план за штедење.

Она што првично е познато е дека програмата е предвидена да трае шест месеци и, во суштина, е барање за продолжување на досегашниот пакет за штедење, но со измена на обврските што ѝ се зададени на Грција.

Поконкретно, Грција ќе бара да бидат целосно отстранети 30 отсто од обврските, особено оние што се однесуваат на дополнително угнетување на работничките права, и да бидат заменети со десетина нови реформи. Предлогот е програмата да биде со времетраење од март до крајот на август.

Втората работа што ќе ја побара Варуфакис ќе биде намалување на зацртаната цел за примарниот суфицит, односно од договорените 3 отсто да падне на 1,49 отсто од грчкиот БДП. Во врска со главното финансирање на државата, ќе биде посочено дека се очекува државата да обезбеди 7,5 милијарди евра од последната рата од заемот и програмата за штедење, дополнителни 1,9 милијада евра профит од грчките државни обврзници во Европската централна банка и во други банки. Грција сака да побара да се зголеми границата за издавање државни обврзнци од пет на осум милијарди евра за да се покријат трошоците за март.

Додека Варуфакис ќе води битка во ЕУ, грчкиот народ ќе му покаже огромна поддршка од Атина. За утре е планиран масовен протест во Атина и низ останатите делови на Грција за поддршка на владата и на нејзиниот обид да обезбеди подостојна иднина и помали финансиски оптоварувања за грчкиот народ. „Дојде време европските сили да го слушнат силно нашиот глас. Одбираме достоинство и бараме за нас и за сите европски народи голем бран промена“, се вели во повикот за протестот на социјалните мрежи, кој апелира до сите европски народи да ја поддржат грчката борба за подемократска и посолидарна Грција.

Ова е вториот протест за поддршка на владата, а ист е планиран и за следниот состанок на Еврогрупата за идната недела.

Првичните очекувања од грчкото Министерство за финансии се дека нивната програма може да биде добро прифатена во ЕУ. Одат подготвени дека ќе биде можно да се соочат и со конструктивни предлози, но и со јасни црвени линии дека не планираат да се вратат во период на строго штедење, кое ги исцрпува финансиските можности на народот и целосно ги нарушува работничките права.

Ципрас, при обраќањето во парламентот, беше дециден дека нема да дозволи да се впуштат во преговори кои ќе ја нарушат волјата и достоинството на грчкиот народ и сувереноста на државата. Грчкиот премиер, како прва мерка, го најави обезбедувањето бесплатна храна, струја, сместување и здравствена помош за илјадници маргинализирани грчки семејства, кои се жртви на строгата политика за штедење, односно, како што го окарактеризира, „меморандумското варварство“ последните пет години, нешто што не планира да дозволи да се врати повторно во Грција под негово водство на државата.

 

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

СЕММ ги награди најдобрите стории на тема „Факти и дезинформации за човековата околина“

Видео-сторијата за илегалната сеча на шумите на Јабланица, долж границата со Албанија е првонаградениот новинарски труд на повикот на Советот за етика во медиумите на Македонија на тема „Факти...