Во исчекување на новата методологија за фомирање на цените на нафтените деривати во земјава која според Регулаторната комисија за енергетика би требало да биде готова до крајот на неделава се поставуваат прашањата кои се компаниите кои би можеле најмногу да добијат или да изгубат од новите правила и дали се можни притисоци врз регулаторите со оглед на тоа што еден денар разлика во новата методологија во иднина може да значи добивка или загуба од милиони евра за трговците.

Според првиот човек на РКЕ, Марко Бислимовски, дел од компаниите побарале да им се признаат неразумни транспортни трошоци од 0,8 и 0,85 денари по литар што е покачување за 60 до 70 отсто од признаените транспортни трошоци со претходната формула за пресметка на цените. Во однос на трговската маржа, како што вели Бислимовски, дел од компаниите барале таа да се качи на 6,2 и 6,5 денари по литар што е за 90 до 100 проценти повисока од претходната маржа.

Бислимовски вели дека изминатиов период регулаторната комисија правела сериозни анализи, „и нема да биде прифатено ниту едното, ниту другото барање“.

За трговската маржа тој најави дека ќе биде под пет денари за литар, што сепак е покачување од над 50 отсто.

„Ќе направиме методологија која ќе им овозможува на трговците да остваруваат разумни профити, и тоа е во ред, немаме проблем со тоа“, рече Бислимовски.

Според податоците на РКЕ, набавката и продажбата на нафтените деривати во нашата држава во текот на 2018 година, активно ја вршеле 32 правни субјекти лиценцирани за трговија на големо со сурова нафта, нафтени деривати, биогорива и горива за транспорт. Во земјава тековно работат околу 330 бензински пумпни станици во сопственост на неколку големи и многу мали фирми. И покрај фактот што денес значително е променета сопственичката структура во малопродажниот сектор, сепак „Макпетрол“ е сè уште доминантна компанија во делот на малопродажбата со 127 бензински станици. Потоа следат „Лукоил Македонија“ со 30 бензински станици, „ОКТА“ со 26 бензински станици, додека преостанатите околу 147 бензински станици се во приватна сопственост на повеќе домашни мали претпријатија.

Дел од претпријатијата кои поседуваат бензински станици, покрај основната дејност да продаваат горива на своите бензински станици, се јавуваат и како трговци на големо, односно дел од набавените течни горива не ги продаваат преку бензинските станици туку директно до крајните потрошувачи.

Вкупно увезени количини на нафтени деривати во земјава во 2018 година изнесуваат 987.662 тони, што е за 0,68 отсто повеќе во однос на увезените количини на нафтени деривати во 2017 година (980.956 тони). Најголем увозник и оваа година е „ОКТА“која учествува со 76,69 отсто, потоа следи „Лукоил Македонија“ со 10,70 отсто, „ОМ Петрол“ Скопје со 3,61 отсто и останатите трговци со 9 отсто учество во вкупниот увоз на нафтени деривати во 2018 година.

Во 2018 година најмногу е увезено дизел гориво, односно 66 отсто од вкупниот увоз, потоа следат моторните бензини со 11,45 отсто, пропан-бутанот (ТНГ) со 7,39 отсто, мазутот со 6,65 отсто, екстра лесното гориво (ЕЛ-1) со 4,45 отсто, млазното гориво со 3,98 отсто и мал процент на увоз од биогориво.

Во текот на 2018 година, трговците на големо со сурова нафта, нафтени деривати, биогорива и горива за транспорт, увозот на нафтените деривати во земјава го вршеле од 18 држави, при што најмногу нафтени деривати биле увезени од соседните држави, и тоа: Грција со 80,31 отсто, потоа следи Бугарија со 11,80 отсто, Србија со 3,46 отсто, Албанија со 1,43 отсто.