fbpx

Тренчевска: Неправедно е да се изедначат пензиите на луѓето кои имаат 15 и оние со 40 години стаж

„Оние пензионери кои во моментов земаат минимална пензија, најголем дел од нив се со 15 години стаж. Ако не бил системот солидарен или таков каков што е во моментот, ќе земале и многу помала пензија“, рече министерката Тренчевска

-

До крајот на годината да се најде соодветно решение за усогласување на висината на пензиите, очекува министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска. Таа денеска изјави дека на средбите со Иницијативниот одбор на пензионери на Македонија и со Сојузот на здруженијата на пензионерите (СЗПМ), било договорено прашањето за минимална пензија да се решава преку работна група.

„Состанокот и со Иницијативниот одбор и со Сојузот на пензионерите беше конструктивен, ги слушнавме барањата. Се договоривме на вчерашната седница на Влада, јас како министерка за труд и социјална политика да доставам информација со која ќе формираме работна група за да продолжиме со она каде што застанавме поради летните одмори, а тоа е прашањето за минимална пензија, односно измени на Законот за пензиско, каде што ќе утврдиме износ за минимална пензија во државата, но согласно сето она што значи стабилност на фондот за пензиско и инвалидско осигурување и она што значи капацитетот на државата во однос на фискалните импликации“, рече Тренчевска, додавајќи дека Министерството за труд и социјална политика (МТСП) е отворено за дијалог.

Таа информираше дека од септември пензионерите ги очекува ново усогласување на пензиите, а точниот процент на покачување ќе се знае деновиве откако МТСП ќе добие информации од Државниот завод за статистика.

„Седнуваме да работиме, дијалогот ќе го водиме и мислам дека до крајот на годината ќе најдеме соодветно решение, секако следејќи ги примерите и на останатите земји, како да ја дефинираме минималната пензија во државата, а којашто ќе биде над она што значи праг на сиромаштија утврдена од страна на Светска банка“, рече министерката за труд и социјала.

За барањата на дел од пензионерите упатени на вчерашниот протест, Тренчевска рече дека минимална пензија од 18.000 денари е „нереална“, затоа што минималната плата била околу 20.000 денари. Министерката истакна дека мора да се мисли на стабилноста на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување (ФПИОМ), а ваквите суми би го оптеретиле.

„Мора да водиме сметка за стабилноста на ФПИОМ, мора да водиме сметка за навремено исплаќање на пензиите секој месец, сите 330.000 пензионери да си ги добијат навреме пензиите. Тоа е вистинска грижа, не се потребни популистички мерки кои – да, на неколку месеци ќе ги задоволат потребите на сите пензионери, вклучително и на пензионерите со најниска пензија, меѓутоа на подолг рок значи дека ќе ја доведеме во прашање стабилноста на ФПИОМ“, истакна министерката Тренчевска.

Пензиите се економска категорија, додаде таа, а нивната висина зависи од тоа колку во нашиот работен стаж вложуваме во пензискиот систем.

„Неправедно е да ги изедначиме луѓето кои имаат 15 години стаж и луѓето кои имаат 40 години стаж, затоа што со 40 години стаж, апсолутно со вашиот влог во системот на пензиско, преку придонесите, вие и очекувате да имате поголема пензија. Оние пензионери кои во моментов земаат минимална пензија, најголем дел од нив се со 15 години стаж. Ако не бил системот солидарен или таков каков што е во моментот, ќе земале и многу помала пензија“, додаде Тренчевска.

Таа истакна дека заради солидарниот систем, утврдена е линија под којашто нема да има пензија – таа линија во моментов е 12.500 денари, додека од септември нема да има пензија помала од 13.300 денари.

На прашањето за зголемување на старосната граница за пензионирање, Тренчевска одговори дека досега не е разговарано за такво нешто, туку фокусот бил ставен на „поголеми пензии во услови на економска, енергетска криза“.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Португалската влада го отфрли предлогот на претседателот за репарации за ропството

Португалската влада го отфрли предлогот на претседателот на државата дека треба да „плати“ за ропството и другите злосторства од колонијалната ера, велејќи дека нема планови за репарации, а наместо...