Минималната плата ќе изнесува 22.567 денари

Со новото усогласување, минималната плата за 2024 година бележи пораст од 3.613 денари во бруто износ, односно 2.392 денари во нето износ

Фото: Мета.мк

Минималната плата која досега изнесуваше 20.175 денари, отсега ќе изнесува 22.567 денари во нето износ, односно 33.352 денари во бруто износ, информираше денеска Министерството за труд и социјална политика (МТСП) по седницата на Економско социјалниот совет (ЕСС).

Со новото усогласување, минималната плата за 2024 година бележи пораст од 3.613 денари во бруто износ, односно 2.392 денари во нето износ.

Зголемувањето на минималната плата е направено согласно новата методологија за усогласување донесена во 2022 година по преговорите меѓу Владата, синдикатите и работодавците. Согласно оваа методологија, минималната плата се усогласува со 50 отсто од трошоците за живот и 50 отсто со растот на просечната плата.

Сепак, синдикатите денеска реагираа дека покачувањето на минималната плата не е доволно и побараа од идната влада во првите 100 дена да направи уште една корекција, со што минималецот би изнесувал 450 евра.

Од Сојузот на синдикатите изјавија дека очекуваат новото зголемување на минималната плата да влезе во „Службен весник“ најдоцна до понеделник.