fbpx

Четиринаесет лица изгореа живи, а никој за тоа не одлежа ниту еден ден затвор, кажаа протестирачите во Тетово

„Бараме да се разреши јавниот обвинител Љубомир Јовески и заедно со другите обвинители да одговараат кривично. Да се казнат вистинските виновници, заедно со политичарите кои незаконски го доделија тендерот на фирмата „Брако“ да ги гради болниците“, рече Елмедина Абдулахи, активистка

-

„Четиринаесет изгубени животи, вистината да излезе на виделина“,„Четири несреќи, 97 загинати, 0 осудени“, „Правда, а не пазарење“, „Правдата е лажна вест во оваа држава“. Ова се само дел од транспарентите со кои повеќе од стотина граѓани денеска во Тетово го искажаа својот револт поради тоа што, како што велат, нема правда и одговорност за четиринаесетмината луѓе кои живи изгореа во трагедијата што се случи во тетовската модуларната болница. Тие своето незадоволство го искажаа пред зградата на тетовското Основно јавно обвинителство и Основниот суд, каде што имаше силно полициско обезбедување.

Фото: Фисник Џелили

„Денеска се собравме пред Обвинителството за да го изразиме гневот на граѓаните за манипулацијата, како резултат на што изгореа живи 14 наши сограѓани. Во последните пет години имаме четири трагедии, 97 жртви, а 0 дена одлежан затвор. Затоа довербата во судство во оваа држава е нула“, рече Елмедина Абдулахи, активистка од Иницијативата „За подобро Тетово“ и една од организаторките на протестот.

Таа кажа дека загинатите лица се заложници на тендери и оцени дека корупцијата убива.

„Се докажа дека Обвинителството и судот се бранители на злосторничко здружување кое ја држи државата во заложништво. Бараме да се разреши јавниот обвинител Љубомир Јовески и заедно со другите обвинители да одговараат кривично. Да се казнат вистинските виновници, заедно со политичарите кои незаконски го доделија тендерот на фирмата „Брако“ да ги гради болниците. Нема правда и нема да има и мир“, рече Абдулахи.

Фото: Фисник Џелили

Присутните граѓани на протестот ги залепија транспарентите на оградата пред влезот на Обвинителството, како и на влезната врата од објектот. Иако полицајците не дозволуваа, протестирачите успеаја на вратата со селотејп да залепат транспарент на кој пишуваше „Се бараат Венко Филипче, Кочо Анѓушев и Љубомир Јовески“.

Откако ИРЛ објави документарен филм со нови документи добиени од „свиркачи“ за пожарот во тетовската модуларна болница, не стивнуваат реакциите за објавените сознанија. Истражувањето покажа нови сознанија, при што во документарецот се тврди дека модуларните болници се граделе без елаборат за електрична инсталација, без елаборат за противпожарна заштита, без надзор на изградбата и имало низа други законски пропусти.

Сторијата предизвика и препукувања меѓу претходниот министер за здравство Беким Сали и актуелниот, Фатмир Меџити. Сали побара одговорност за виновниците кои ги амнестираат одговорните за пожарот што се случи во тетовската модуларна болница, во која животот го загубија 14 лица. Од Министерството за здравство, пак, кажаа дека токму Сали го одобрил приемот на трите изградени амбуланти во Скопје и исплатата за нив.

На 8 септември, изби пожар во модуларната болница во Тетово. Во моментот таму биле хоспитализирани 24 пациенти, а 14 изгореа живи.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Полицијата ги растера пропалестинските активисти од зградата на универзитетот во Париз

Француската полиција денес влегла во зградата на парискиот универзитет „Сијанс По“, и ги растерала пропалестинските активисти. Група од околу 70 студенти ја окупирале зградата на Институтот за политички науки во...