Обвинение против српски државјанин што криумчарел злато преку скопскиот аеродром и за цариникот што му помагал

Цариникот го пречекал странскиот државјанин кој носел злато во делот пред пасошка контрола и се обидел да му помогне да ја избегне царинската контрола, насочувајќи го прво кон „зелениот“ коридор за багаж без стока за пријавување, но биле запрени од другите царински службеници

Фото: Мета.мк

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје поднел обвинение против српски државјанин по потекло од Турција затоа што сторил кривично дело – криумчарење, а обвинение е покренато и против македонски царински службеник кој се товари дека му помогнал на странецот да го стори делото.

Како што соопштија од Јавното обвинителство, на 20 март, обвинетиот српски државјанин пристигнал на скопскиот аеродром со лет од Истанбул до Скопје и, избегнувајќи ја царинската контрола, пренел 42,13 килограми разновиден златен накит во проценета вредност од околу 2,2 милиона евра.

Во извршување на кривичното дело, со отстранување на пречките му помогнал царински службеник кој во тој момент не бил на должност. Цариникот го пречекал странскиот државјанин во делот пред пасошка контрола и се обидел да му помогне да ја избегне царинската контрола, насочувајќи го прво кон „зелениот“ коридор за багаж без стока за пријавување.

Меѓутоа, тој коридор бил затворен со безбедносна лента, а сите патници биле насочени кон „црвениот“ коридор за контрола и кон скенерот.

Непочитувајќи го ваквото насочување, царинскиот службеник ја поместил безбедносната лента, заедно со обвинетиот ја поминал царинската линија и се упатил кон излезот на аеродромот. Во тој момент интервенирале други царински службеници, по што обвинетите биле запрени, а при претресот на багажот бил пронајден вредниот златен накит.

Обвинителот поднел и предлог за продолжување на мерката притвор за двајцата обвинети, бидејќи сè уште постојат законски основи поради кои таа мерка првично им била определена.